Балкан
28. January 2023 - 9:23

Европратеници велат дека Србија ќе биде Иран во Европа доколку не се прифати договорот

Членови на Европскиот парламент им кажале на своите колеги во српскиот законодавен дом што може да се случи доколку Србија не биде конструктивна во постигнувањето конечен сеопфатен договор со Косово, пишува „Н1“.

„Доколку не се прифати договорот, Србија нема да биде остров, туку Иран во Европа“, ги пренесува неименуван пратеник во српскиот Парламент зборовите на неговиот европски колега“, според „Н1“.

Тој додава дека европратениците велат дека на претседателот на Србија на средбата со претставниците на меѓународната „петорка“ на 20 јануари му било кажано дека влезот на Србија во ЕУ може да се постигне во 2030 година и дека овој пакет треба да важи за сите земји од Западен Балкан.

Делегација на Европскиот парламент за меѓупартиски дијалог, предводена од европратениците Владимир Билчик и Матјаж Немец, престојува во посета на Србија. Во текот на утрото тие разговарале со пратеници во српскиот парламент, а попладнето се сретнаа со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на социјалните мрежи напиша дека со двајцата европски парламентарци имале „искрена размена на мислења околу натамошниот напредок на евроинтегративниот процес на Србија“.