Бизнис
16. September 2015 - 19:52

„Еуромакс ресурсис“ продолжува со активностите за изградба на рудникот за бакар и злато во Иловица

Концесионерот на рудникот за бакар и злато во Иловица Еуромакс ресурси подготвува детална студија за проценка на влијанието на животната средина и социјалните аспекти. Студијата ја работат светски реномирани консултантски куќи, а во  нејзината изработка се вклучени и стручни лица од компанијата и признати  домашни експерти. 

Со истражувањето треба да се добијат податоци за демографската структура на населението, начинот на живот, економски и земјоделски активности како и навиките за користење на водата за пиење.

Студијата комплетно треба да биде готова до почетокот на идната година, а добиените резултати ќе послужат во подготовката на документацијата потребна за реализација на проектот.

-Со тоа сакаме да осигураме дека проектот ќе ги задоволи барањата на македонското законодавство, но исто така ќе ги задоволи меѓународните стандарди во оваа област-  изјави Патрик Форвард, главен технички директор  на Еуромакс Ресурси.

Изработката на студијата како и самиот рудник се посебно значајни за општините Босилово и Ново Село на чии што територии ќе биде изграден рудникот.

-Овој проект може да кажам дека ќе биде од огромно значење и за двете општини. Најпрвин за забрзување на економскиот развој и мислам дури дека ќе ги помине границите на општината, ќе биде значаен и за регионот и за самата Република Македонија - рече Љупчо Колев – градоначалник на општина Босилово.

Според планот, изградбата на рудникот за бакар и злато во Иловица треба да почне кон крајот на 2016 година и е предвидено да трае 18 месеци.

Производството на бакар и злато е планирано за крајот на 2017 или почетокот на 2018 година. Проектираното просечното годишно производство е 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар.

Вкупната инвестиција ќе изнесува околу 500 милиони американски долари, а предвидено е да вработи околу 400 лица.