Свет
4. September 2019 - 18:22

ЕУ се подготвува за Брегзит без договор

Европската комисија ја повика ЕУ да се подготви за излез на Велика Британија од Унијата без договор. Објавено е детално упатство за финалните подготовки во случај на такво сценарио, за европски бизниси што тргуваат со Велика Британија.

– Поради континуираната неизвесност околу ратификувањето на Договорот за раздвојување од страна на Велика Британија и целокупната домашна политичка ситуација, сценариото „без договор “ за Брегзит на 1 ноември се уште останува возможно, иако не и посакуван исход, соопшти Европската комисија.

Осум недели пред повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, закажано за 31 октомври, Европската комисија повторно ги повика сите 27 земји членки на ЕУ да се подготват за сценарио на Брегзит без договор.

Со цел да се минимизираат проблемите што можат да се појават во трговијата со Велика Британија, а во случај на нерегулиран Брегзит, сите вклучени во тој процес се повикани да направат финални подготовки.

Европската комисија објави детален список на неопходни подготовки за сите компании што работат со Велика Британија и ги информираше за потребните обврски и формалности во случај на прекугранична трговија.

Европската комисија му предложи на Европскиот парламент и Советот да направат соодветни технички прилагодувања во областа на транспортот во случај на нерегулирано заминување на Британија.

Исто така, одлучено е да се задржат договорите со Велика Британија за риболов, како и евентуалното учество на Лондон во буџетот на ЕУ за 2020 година на ниво договорено за 2019 година.

Во исто време, Комисијата предложи фондовите за Европска солидарност и Европското глобално прилагодување да бидат достапни за да им помогнат на компаниите, работниците и земјите-членки, кои се најпогодени од излезот на Велика Британија од ЕУ без договор.