„ЕУ Обсервер“: Одложувањето на проширувањето на ЕУ ја зголемува економската нееднаквост на Балканот
Земјите од Балканот кои се приклучија во Европската Унија – Бугарија, Романија и Хрватска, имаат значителни придобивки од тоа, особено со забрзување на приближувањето на нивните БДП до просекот на ЕУ, што во исто време резултираше со зголемување на разликите со државите од регионот кои се уште се надвор од блокот.
Оваа растечка разлика, според „ЕУ Обсервер“, станува се по изразена имајќи го предвид натамошното одолговлекување на процесот на интеграција на државите од Западниот Балкан во ЕУ.
Во 2007 година, кога Бугарија и Романија и се приклучија на ЕУ, разликите меѓу нивните БДП по глава на жител и оние на останатите земји од Западниот Балкан беа релативно мали.
Така, романскиот БДП по глава на жител изнесуваше 10,800 евра, а бугарскиот 10,000 евра, што беше само малку над горниот опсег на бруто домашниот производ во Западниот Балкан, кој се движеше од 5,800 евра во Албанија до 9,800 евра во Црна Гора.
Но, деценија и половина подоцна, јазот во БДП меѓу Романија и Бугарија и останатите држави од Западен Балкан е значителен зголемен.
Во 2023 година, романскиот БДП по глава на жител достигна 30,000 евра, што е 20 отсто под просекот на ЕУ, а бугарскиот се искачи на 24,200 евра.
Во исто време, Црна Гора лани имаше БДП по глава на жител од 19,500 евра, а Албанија од 13,300 евра, што е и најнизок во регионот.
Ова, според „ЕУ Обсервер“, го покренува теоретското прашање кое можеби никогаш нема да има вистински одговор, колкаво би било нивото на БДП на земјите од Западниот Балкан денес, доколку и тие се приклучеа на ЕУ во 2007 година? Прашањето е особено интересно ако се земе предвид дека институционалниот капацитет на Романија и Бугарија во 2007 и не беше многу подобар од оној на останатите земји од Западниот Балкан.
Така, таа година Индексот на перцепција на корупцијата во Романија, Бугарија и останатите држави од регионот, со исклучок на Албанија, во основа изнесуваше три, со мали разлики во децималите.
Оттаму, имајќи ги предвид придобивките од членството во ЕУ, како што се пристапот до единствениот европски пазар, зголемените странски директни инвестиции и помошта од кохезивните фондови, многу веројатно е дека БДП-та на земјите од Западниот Балкан доколку станеа членки на Унијата во 2007 година, сега ќе беа многу поблиски до бугарскиот.
– Сепак, иако минатото не може да се промени, иднината кој може, стана уште понеизвесна.
Не само што останува нејасна временската рамка за потенцијално проширување на ЕУ, туку и видот на понудено членство, наведува „ЕУ Обсервер“.
Во анализата се посочува дека со Планот за раст за Западниот Балкан се предвидува интеграција во единствениот европски пазар уште пред полноправното зачленување во ЕУ, што го „насочува процесот на интеграција кон некоја форма на секундарно членство без целосните права и придобивки што ги уживаат постојните членки и веројатно исклучувајќи целосен пристап до кохезивните фондови“ на Унијата, кои според повеќе студии, се особено важни во поттикнувањето на економската конвергенција.
Во студија на полското Министерство за економски развој се посочува дека 25 до 30 отсто од реалната конвергенција што ја постигнаа земјите од Вишеградската група со ЕУ се резултат на овие средства од кохезивните фондови.
Од друга страна, земјите од Западниот Балкан се потпираат на „релативно ограничениот“ Инструмент за претпристапна помош (ИПА), преку кој од 2007 до 2013 година на шесте држави од регионот им беа исплатени 4,2 милијарди евра, како и дополнителни 1,3 милијарди евра за имплементација на прекугранични проекти што ги вклучуваа и соседните држави членки на ЕУ.
Во приодот од 2014 до 2020 година, преку ИПА II западнобалканските земји добија 4,3 милијарди евра, заедно со уште 3,2 милијарди евра за прекугранични проекти.
За споредба, Романија и Бугарија од Европските структурни и инвестициски фондови (ЕСИФ) во периодот од 2014 до 2020 година заедно добија 46,3 милијарди евра.
Споредно со БДП, тоа значи дека државите од Западниот Балкан добиле финансиска поддршка од ЕУ на ниво од 5,9 отсто од нивниот комбиниран БДП во 2014 година, додека помошта за Романија и Бугарија изнесувала 23,9 проценти од комбинираниот БДП.
Од средствата на ЕСИФ за периодот од 2021 од 2027 година, за Романија и Бугарија се предвидени 41,7 милијарди евра, додека со Планот за раст на Западниот Балкан се предвидува дополнително финансирањето на шесте земји од регионот со 6 милијарди евра.
– Но, дури и со ова зголемување, нивото на финансирање останува значително пониско од она за земјите членки на ЕУ од регионот.
Ова значи дека дивергенцијата на БДП во регионот дополнително ќе се зголеми, оценува „ЕУ Обсервер“, псочувајќи дека на тој начин на Балканот се создаваат две групи на држави – на „избрани“ и на „оставени на страна“.
Земјите „оставени на страна“ на тој начин ја губат конкурентноста во однос на соседните држави членки на ЕУ поради недоволното финансирање на критични инвестиции во модерната инфраструктура, технологијата и образованието.
– Во меѓувреме, „избраните“ седнати на масата во Брисел имаат влијание да ги обликуваат политиките на ЕУ во регионот за да им служат на нивните интереси, вклучително и користењето на политичката поддршка за блокирање на соседните земји, се додава во анализата.
Според „ЕУ Обсервер“, ЕУ треба да преземе мерки да ја спречи натамошната дивергенција на БДП на земјите од Балканот, можеби преку „отворање“ на кохезивните фондови за западнобалканските земји, кои би добивале средства од нив во замена за спроведување далеку построги реформи.
– Слабиот реформски притисок им служи само на интересните групи кои имаат корист од статусот кво. До 2030 година, земјите од регионот треба да се приклучат на ЕУ како полноправни членки.
Секој друг пристап само ќе ја продолжи состојбата на неизвесност и ќе го зголеми јазот во БДП-та на Балканот, се заклучува во анализата.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-
Слаб интерес за селекција на отпадот во Струмица
-
Гласен текстилец - и годинава ќе има злоупотреби при исплатата на К-15
-
Скопјани добија вода, дефектот е саниран
-
Чадот од отпад го гуши Злокуќани цела деценија: Жителите бараат итна помош од институциите
-
Меџити вчера објави дека Груби е во Албанија, денеска вели политичарите да се воздржат од коментари
-
Директорот на Детска не го добил извештајот од ДСЗИ – тврди дека починатото бебе било прегледано и од специјалист