Балкан
7. September 2016 - 15:17

ЕУ ја казни Грција со 10 милиони евра за неправилно управување со опасни отпадоци

Грција ќе треба да плати најмалку 10 милиони евра заради неправилно управување со  опасни отпадоци, утврди денеска Судот на Европската Унија, цитиран од ДПА. 

Ова не е првпат Атина да биде на тапет заради лошо стопанисување со отпадот.

Во 2009 година истиот суд одлучи дека Грција треба да воведе систем за управување со опасни отпадоци, чие разградување одзема дополнителен период и често пати тие можат да бидат канцерогени.

Во 2014 година Европската комисија ја повика грчката Влада да посвети внимание на неуспешното реализирање на барањата во определениот период и ги повика судиите во Луксембург да определат казна.

Освен казната од 10 милиони евра, Атина сега ќе треба да плаќа и по 30.000 евра дневно, сметано од денеска, се додека не ја исполни судската одлука од 2009 година. 

Шест години по утврдувањето на состојбата, меѓутоа,  Грција се уште не ја почнала изградбата на неколку неопходни инсталации и трите депоа, потребни за чување на опасните отпадоци, забележа судот.