Македонија
4. December 2017 - 14:01

Естонија ја поддржува Македонија за ЕУ и НАТО

Естонија го поддржува проширувањето на Европската унија и очекува Македонија да ги започне преговорите за членство, изјави шефот на естонската дипломатија Свен Миксер за време на денешната средба во Талин со македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи.

- Задоволни сме што Владата на Македонија одлучи да продолжи со реформите кои во меѓувреме беа во застој, рече министерот Миксер.

Тој потврди дека Естонија ги поддржува напорите на Македонија да се придружи на НАТО „на секаков начин“ и е подготвена да го сподели своето искуство на овој план ако е неопходно.

- Ги поздравуваме плановите на Македонија, кои се веќе имплементирани за поддршка за евроатлантска интеграција на земјата, изјави Миксер.

Осврнувајќи се на билатералните односи, министерот Миксер ја нагласи можноста за соработка во областа на ИТ- секторот.

- Постојат многу можности за соработка во дигиталната област и Естонија може да понуди од своето искуство преку различни проекти за соработка, истакна естонскиот министер за надворешни работи.

Вицепремиерот Османи на средбата истакна дека Република Македонија гледа оптимистички на претседавањето со Советот на Европската Унија од страна на Република Естонија до крајот на годината, период во кој,  нашата држава е посветена на реформите и отстранувањето на сите пречки кои и го отежнуваат приближувањето кон Унијата.

- Наша цел е, додека трае претседавањето на Естонија, да ги добиеме првите сигнали од страна на Унијата кои ќе бидат во насока на визибилноста на европската перспектива на Република Македонија, изјави Османи, соопшти СЕП.

Тој потенцира дека е добро што Република Македонија, на овој пат кон ЕУ, има пријатели и поддржувачи, и дека Република Естонија ја смета за таков сојузник. Во оваа насока, Османи, се посочува, побара и дирекна помош од Естонија за Секретаријатот за европски прашања, за формирањето, подготовка и обука на преговарачкиот тим за евентуалниот почеток на преговорите да биде дочекан со подготвен тим за преговори. Дополнително, Османи побара и поддршка во искуство и знаење за формирањето и подготовка на преговарачката структура во целата администрација, имајќи го предвид искуството на Естонија, како и сличноста на европската администрација во двете земји.  

Соговорниците заеднички се согласија дека ЕУ ја потврдува својата позиција за поддршка на процесот на проширување, а претседавањето на Естонија, како и последователно, следните претседателства на Бугарија, Австрија и Романија, претставуваат неповторлива шанса, добар моментум, кој не треба да го пропуштат земјите од Западниот Балкан.

Во рамки на посетата Османи ќе има средби и со Клен Јарац, директор на канцеларијата за европски прашања при Владата на Естонија, со Томас Витсут, претседател на Комисијата за европски прашања при естонскиот Парламент, како и со Ерик Нилс Крос, претседател на парламентарната група помеѓу Република Македонија и Република Естонија.