Свет
4. јуни 2016 - 8:42

Ештон Картер: Кина ризикува да западне во самоизолација

Американскиот секретар за одбрана Ештон Картер денеска ја предупреди Кина дека ризикува да западне во самоизолација и го повика Пекинг да се приклучи кон „една принципелна безбедносна мрежа во Азија“. 

- Активностите на Кина во Јужното Кинеско Море може да доведат до нејзина самоизолација, во услови кога целиот регион тежнее кон зближување и соработка. За жал, доколку продолжи со ваквите постапки, Кина може околу себе да формира Голем изолациски ѕид, порача Картер во обраќањето на собирот „Дијалог Шангри-Ла“ во Сингапур.

Јапонскиот министер за одбрана Ген Накатани, исто така, изрази загриженост поради активностите на Кина во стратешки важното Јужното Кинеско Море, кое Пекинг го прогласи за свои територијални води и започна со изградба на вештачи острови за воени цели и за искористување на богатите резерви на нафта и природен гас. 

- Едностраните чекори со цел промена на статусот кво претставуваат јавно отстапување од принципите на меѓународното право, рече Накантаби во обраќањето на собирот.

На овој најголем безбедносен форум во Азија учествуваат 20-тина министри за одбрана од државите од Азиско-пацифичкиот регион. Собирот го организира Меѓународниот институт за стратешки истражувања со седиште во Лондон.

Покрај проблемот со кинеските претензии над Јужното Кинеско Море, низ кое минуваат едни од најфреквентните поморски трговски рути во светот, на собирот се очекува да стане збор и за заканите од исламистите во Азија и за севернокорејската нуклеарна програма