Свет
16. December 2016 - 16:04

Енда Кени : Ирска нема да прави сепаратен трговски договор со Велика Британија

Ирскиот премиер, Енда Кени, изјави дека Република Ирска нема да прави посебен, сепаратен, договор за трговија со Велика Британија, откако таа ќе излезе од ЕУ.

-Нема да има посебен трговски договор со Лондон, додека ЕУ, како целина, не ги определи идните европско-британски односи, рече Кени во разговор со ирските новинари.

Изјавата на премиерот на Ирска следи по неколкуте спротивставени изјави на британските политичари околу Брегзит, а особено околу тоа како ќе бидат уредени трговските врски на Унијата со Велика Британија.

Владата во Лондон се уште нема утврден став околу основното прашање на преговорите  со Брисел - дали да има „тврд“ или „мек“ Брегзит. Првото значи излегување и од единствениот пазар на ЕУ и од царинската унија, додека второто значи останување на пазарот на Унијата, со некакави ограничувања во приливот на мигрантите.

Актуелниот амбасадор на Велика Британија во ЕУ, Иван Роџерс, изјави дека Лондон треба да биде подготвен и за можноста од „десетгодишни преговори“ со ЕУ за трговски договор, што е времето што беше потребно за договорот меѓу Унијата и Канада.

Министерот за финансии, Филип Хамонд, меѓутоа, ја отфрли таквата можност.

-Не мислам дека ќе ни треба толку многу време за да се спогодиме со Брисел, рече министерот Хамонд.

Тој ја повторува позицијата на владата, составена по референдумот од 23 јуни, дека преговорите за идните трговски врски меѓу Велика Британија и ЕУ, ќе се одвиваат се додека траат и преговорите за Брегзит или во период не поголем од две години.

Според правилата и прописите на кои се темели ЕУ, Велика Британија не може  да склучува посебни договори за трговија со земји или трговски сојузи, се додека е формало членка на ЕУ. 

Советникот на канцеларот Ангела Меркел и германски пратеник Штефан Мајер, ја предупреди денеска британската Влада дека е „наивно да се верува“ дека договор за идните трговски односи меѓу Брисел и Лондон може да се направи за две години, додека траат и преговорите за раздружување на ЕУ и Британија.