Елези: За целосна реализација на автопатот Кичево-Охрид се обезбедуваат дополнителни средства
Целосното реализирање на изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид вклучува финансирање на непредвидени и дополнителни градежни работи. За таа цел Министерството за финансии му предлага на Собранието по скратена постапка да го усвои Предлог-законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот, кој ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.
-Проценетата вредност на дополнителни финансиски средства за проектот изнесува 179.694.572,51 американски долари, додека вкупната вредност на проектот е 684,7 милиони долари. Потребата за обезбедување на дополнителни финансиски средства произлегува од непредвидени и дополнителни работи за тунелот Пресека, непредвидени работи за широк ископ и санација на свлечишта, непредвидени и дополнителни работи за изградба на осум денивелирани патни јазли: клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патен јазол Арбиново, рече заменик-министерката за финансии Ширет Елези, образложувајќи ја потребата од носење на законот по скратена постапка во Собранието.
Рокот за отплата на заемот е 20 години, со вклучен грејс период од пет години, а каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.
Успешната реализација на овој проект, како што вели, ќе има директно влијание на зголемувањето на вработеноста и економскиот раст. Населението кое живее во регионите каде што се изведуваат работите на изградба на автопатот ќе има корист од намалување на транспортните трошоци и времето на патување, подобрување на квалитетот на патничкиот и товарниот сообраќај и ќе се создадат значајни можности за вработувања, особено во индустријата за изградба на патишта. Носител на проектот е Јавното претпријатие за државни патишта.
По усвојувањето на Законот за гаранција од страна на Собранието на Република Северна Македонија ќе следи потпишување на Договорот за заем меѓу ЈП за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.
Ново на Сител
-
Трамп: Ќе се случи нешто во Украина, работите ќе се средат
-
Андоновски: Имаме капацитет за спроведување дигитален попис, во 2026-та ако бидеме подготвени
-
Скопје денеска со третата највисока температура во Европа – 41,7°C
-
Орбан: Да бараме од нашите семејства да плаќаат 3,5 пати повеќе за гас? Тоа не е лидерство, туку економско самоубиство
-
Путин: Русија ќе ги намали воените трошоци и е отворена за преговори со Украина
-
Рекордни температури и пожари на Балканот, се очекува разладување за викендот
-
Вицепремиерот Николоски учествува на Форум за министри за транспорт во Истанбул
-
Сиљановска-Давкова ги прими припадничките на Армијата кои успешно ја завршија обуката во САД