ЕЛЕМ: СДСМ прави политички маркетинг, инвестираме во енергетски проекти
Во РЕК Битола немаше колапс на производството колку и да се обидува некој да прикаже таква слика за комбинатот, посочува АД ЕЛЕМ во денешната реакција на прес-конференцијата на СДСМ.
- Вистината е дека еден од блоковите беше во застој во времетраење од неколку часа. Другиот е во редовен ремонт, пракса што редовно и планирано се спроведува во овој период од годината кога потрошувачката на електрична енергија е на ниско ниво, а согласно потребите на системот, првиот блок неколку недели е исклучен од електроенергетскиот систем поради поволна хидролошка состојба и потребата да им се даде предност на хидропотенцијалите во период на високи дотоци во акумулациите. За времетраење на краткиот застој, не е увезен ниту еден киловатчас електрична енергија и сите потребни количини се испорачани од постојните домашни капацитети, се наведува во соопштението од АД ЕЛЕМ.
СДСМ, посочуваат од компанијата, во обид да си направи политички маркетинг постојано повторува тези кои немаат врска со реалноста и со тоа како функционираат пазарот за електрична енергија и електроенергетскиот систем, воопшто.
- Вистината е всушност дека согласно постојната законска регулатива, домашното производство, вклучувајќи го тука и придонесот на РЕК Битола во последните четири години во целост е адаптирано на потребите на домаќинствата и на малото стопанство, што како потрошувачи се на регулираниот пазар за електрична енергија. Преку оптимизација на сите производни термо и хидро капацитети, како и на ветерните турбини со кои располага АД ЕЛЕМ, во најголемиот дел од една календарска година, домашното производство во целост ги задоволува потребите на домаќинствата и на малите бизниси, стои во соопштението.
АД ЕЛЕМ во текстот потсетува дека нема законска обврска да произведува електрична енергија за потрошувачите кои се наоѓаат на либерализираниот пазар за електрична енергија. Токму оваа категорија потрошувачи, се посочува во соопштението, има најголем удел во реализираниот увоз на електрична енергија во Република Македонија, затоа што своите потреби од електрична енергија ги набавуваат самостојно преку билатерални договори со фирми - трговци за електрична енергија. Таквите деловни процеси немаат какво било влијание врз цената на електричната енергија за домаќинствата.
АД ЕЛЕМ во изминатите години, се наведува во соопштението, е меѓу најголемите домашни инвеститори во Република Македонија, факт кој го призна и бизнис заедницата во земјава.
- Компанијата до моментов има насочено повеќе од 300 милиони евра во изградба на нови енергетски капацитети, како и во модернизација и ревитализација на постојните електроцентрали. Во тек е постапка за нова рударска опрема за рудниците во РЕК Битола, проект вреден 64,5 милиони евра, а во тек се и истражни работи за нови наоѓалишта на јаглен во пелагонискиот регион. Истовремено течат и активностите за изградба на систем за топлификација на Битола, Новаци, Могила и Логоварди. Само во последните четири години се инвестирани средства во подобрување на еколошките стандарди во РЕК „Битола“. Со веќе реализираните инвестициски зафати, ТЕ Битола се целосно компатибилни во делот на емисија на азотни оксиди согласно најстрогите европски директиви за заштита на животната средина. Исто така, АД ЕЛЕМ продолжува посветено да работи на проектот за десулфуризација и намалување на прашината од ТЕ Битола, се посочува во соопштението од АД ЕЛЕМ, како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ.
Ново на Сител
-
Политички кризи предизвик за новинарите
-
Интеграциите во НАТО низ призма на новинарите
-
Патот на Македонија кон ЕУ низ призмата на Сител
-
Трагедии, храброст и вистина низ призмата на новинарството
-
Регионалните кризи - посебен новинарски предизвик
-
Новинарството под маски и визири во Ковид кризата
-
Од битка за срце до зумба часови - хуманата страна на новинарството
-
Сител сторија: Пред 15 години се бореше за живот, денес е здрава и среќна тинејџерка