Експлозија во РЕК Битола, вторпат во два месеци комплетно надвор од мрежа, вели ВМРО-ДПМНЕ
Исклучени се сите три блока на РЕК Битола, после тешка хаварија, со серија експлозии и сериозна штета, велат од комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера доцна попладне, испаднал електростатскиот филтер на блок 2, бидејќи, како што тврди партијата, седум години не било извршено чистење. По испадот, системот автоматски го исклучил блокот за да се спречи поголема хаварија во котелскиот и турбинскиот дел.
„Директорот - Свирач Пеце, заедно со Техничкиот директор Благојче и Директорот на Електрани Пасков испаничени од тоа дека РЕК Битола по втор пат е комплетно надвор од мрежа дошле во видно алкохилизирана состојба во БЛОК Команда на Блок 2 и најверојтно славејќи ги успешните тендери со кои ги почастија Маркоски конзулот и струмичката фирма, почнале да вршат притисок и со закани кон персоналот за да се вклучи Блокот. После голема расправија и хаос, под закани персоналот започнал со принудно вклучување на Блокот, по што се случило подладување во КОТЕЛСКИОТ ДЕЛ и голема експлозија проследена со парна завеса и пожар! После оваа тешка хаварија, Свирачот со тимот се повлекле и го оставиле персоналот сам да се справува со тешката состојба во комбинатот“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ и прашуваат колку милиони евра ќе чини хаваријата.
Од ЕСМ за Сител рекоа дека „поради дефект испадна Блок 2 на РЕК Битола, и во моментов се работи на отстранување на причината за испад на блокот. Во тек се операции за пуштање во погон на еден од блоковите кои се резерва на работата на Блок 2“.
Потребата за електрична енергија се задоволува од сопствените производствени капацитети, додаваат од државни електрани.
Во последните неколку години, РЕК Битола постојано се соочува со дефекти и ретко кога комбинатот проработе со целосен капацитет. Така, на пример, ревизорите лани констатираа дека, во 2022 година, Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена, што значи дека во погон функционирал само 1 час.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар