Бизнис
9. October 2016 - 10:41

Економските политики во фокусот на средбите на Миновски во Вашингтон

Министерот за финансии Кирил Миновски престојуваше во Вашингтон каде учествуваше на Годишните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Миновски оствари повеќе средби со инвеститори кои се постоечки купувачи на евроообврзницата што ги издава Република Македонија, како и со претставници на ММФ и Светската банка со кои разговарал за економските политики што ги спроведува македонската Влада, како и за идните проекти коишто ќе бидат усогласени со целите што ги поставуваат овие две меѓународни институции.

- Најголем дел од приоритетите што ги има Владата на Република Македонија во економијата се целосно усогласени со приоритетите на Светската банка. Размислуваме за проекти во кои главниот фокус ќе биде развојот на приватниот сектор, поврзувањето на домашните компании со компаниите во слободните економски зони, проекти во областа на изградба на патишта, јакнењето на енергетската ефикасност, како и за проекти со кои ќе се придонесе на дигитализацијата на проектите што го нуди Владата на Република Македонија, изјави Миновски.