Бизнис
7. May 2020 - 14:34
ЕК очекува трипати поголема дупка во буџетот и проблем со собирање на даноците
Дупката во буџетот ќе биде три пати поголема од планираната со буџетот за оваа година. Европска комисија препорачува ребаланс затоа што планираните 2,3% дефицит, според нивните проекции, заради кризата ќе пораснат до 6,8%. Ова значи дека и долгот на државата ќе се зголеми и тоа за седум процентни поени од 40,2% на 47,2%.
Ова не е многу споредено со европските земји ама загрижува тоа што Македонија нема толкав капацитет за собирање даноци.
Засега падот на собраните приходи изнесува околу 25%, за сметка на тоа трошењето расте заради владините мерки за поддршка на стопанството во услови на корона криза. Според ЕК, овие мерки се по примерот на европските. Насочени се кон плаќање на плати и дел од придонесите за зачувување на работните места, како и помош за фирмите, главно малите и средните, за да ја задржат ликвидноста. Но, според Комисијата најпогодени од кризата се големите извозно ориентирани компании во зоните.
Тие се загрозени затоа што им се стопиран извозот на делови кон Германија и увозот на суровини од Кина.
Европската комисија прогнозира дека ако ригоризните мерки завршат до крајот на мај и во текот на летото економијата почне да закрепнува, БДП годинава ќе падне за 3,9%. Сепак, се ќе зависи од сосотојбата со Ковид 19 и евентуалниот втор бран на есен. За помош на Владата и фирмите, ЕК во земјава ќе вбризга 66 милиони евра.
-
Наташа Хаџиспирковска Стефанова
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
