Македонија
15. March 2021 - 16:48

Едни под маски, другите онлајн, како течат часовите во Корона криза

Учениците од второ одделение кај наставникот Гоце Бумбароски во ООУ Кочо Рацин Прилеп, денеска на училиште дојдоа маскирани или по прилепски преправени поради вчерашниот празник Прочка. Ова е само еден дел од нестандарниот начин на учење кај Бумбароски, поради кој учениците повеќе сакаат да се на училиште отколку дома.

„На Прочка се простува и ние се маскираме секоја година“, вели Страшо Волчески, ученик.

Но им недостигаат две другарчиња Михаил Арапиноски и Давид Долгоски кои поради здравствената состојба цела година не се излезени од дома поради пандемијата и посетуваат настава онлајн.

„Маските да ги фрлиме, да нема корона, да си ги видиме насмевките сите“, рече Стефан Кондоски, ученик.

„Да нема корона за да можеме сите да се гушкаме“, вели Матејдева, ученик.

„Ми недостасуваат другарчињата кои не се тука, со нив си игравме“, додаде Теона Најдоска, ученик.

Долгоски за да се поздрави со другарчињата им испрати видео порака.

„Мојот учител е најдобриот учител на светот, затоа што ни објаснува убаво ии многу е добар, за да разбереме ние се. Јас сакам да одам на училиште затоа што таму е забавно, пишуваме, читаме, па раскажуваме, па шеги си кажуваме, ама најомилено ми е дека правиме зелки. А зелка е кога цело одделение со учителот се гушкаат заедно“, истакна Давид Долгоски, учениик.

Инаку на 11 март се наврши точно 1 година откако се затворија училиштата поради пандемијата. Долгоски е едно од многуте деца кои денес учат он лајн, но неговата желба да учи и да се врати на училиште е поголема од се.

„Секој ден се трудам да ги одржувам онлајн часовите со наставникот, но оди тешко. Затоа што интернетот кочи, па не можиме да се приклучиме или наставникот или јас, па не можиме да се слушнеме, се нервираме и јас и наставникот“, потенцираше Долгоски.

И Бумбароски вели дека и нему му недостасува нормалниот начин на настава, особено што со маските е малку потешко се учи изговарањето на зборовите у буквите, но се надева дека сето ова ќе заврши за брзо.

„Давид пак е ученик кој има невиден талент, тој често пати знае да не изненади на он лајн настава и сите домашни работи кои ги изработува ми ги праќа во видео порака. И можам да кажам дека иако тој е второ одделение ние со него почнуваме да работиме материјал за трето, четврто и петто одделение како што се македонски јазик и математика“, изјави Гоце Бумбароски, наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

Учениците ги поздрвавија своите отсутни другарчиња и им посакаа да се видат што е можно побрзо.

„Давид и Михаел во сакаме“, викнаа во еден глас учениците.