Една третина од Северноирците сакаат референдум за иднината на покраината
Една третина од гласачите во Северна Ирска, или 33 отсто, сакаат одржување референдум за границата и за идниот статус на оваа британска покраина на ирскиот остров, покажува истражувањето на агенцијата Ипсос-Мори.
Против организирањето ваков референдум се изјасниле 52 отсто од анкетираните, од кои 72 отсто се протестанти, унионисти.
Анкетата покажува дека доколку, сепак, би имало референдум, 63 отсто од Северноирците би гласале за останување на покраината во Велика Британија.
Други 22 отсто би се определиле за Обединета Ирска, или за повторното приклучување на шесте области од Алстер, кои со договорот меѓу Даблин и Лондон, од пред повеќе од 90 години, останаа дел од британската територија.
Останатите 13 отсто од гласачите се уште не се определени за која опција би гласале, додека 2 отсто изјавиле оти нема да гласаат на ваков референдум.
Истражувачите на Ипсос-Мори објаснуваат дека расте процентот на Северноирците кои се „За„ обединување на Ирска, од над пет отсто, во споредба со истото вакво изјаснување во 2013 година, што тие го сметаат како „значително зголемување„.
Вкупно четворица од десет северноирски католици, или 43 отсто од ова население, се определени за обединување на островот, што е зголемување од осум отсто, споредено со истражувањето од пред две години.
Повеќе од 80 отсто од анкетираните изјавиле дека референдумот од 23 јуни, за Брегзит, не влијаел врз нивната определба за иднината на Северна Ирска и за тоа како би гласале на евентуален референдум во покраината. Вкупно 17 отсто се изјасниле дека одлуката на Британците да се напушти ЕУ, влијаела врз нивното определување во Северна Ирска .И во овој случај, големо мнозинство од гласачите кои вака размислуваат, се северноирските католици.
Лидерот на католичката, републиканска сеирска партија Шин Феин, Џери Адамс , претходно, изјави дека евентуалното отцепување на Шкотска од Обединетото Кралство, би предизвикало „сеизмичко влијание„ врз цела Ирска.
Според мировната спогодба од Стормонт, од април 1998 година, предвиден е референдум за „границата„ доколку се утврди дека мнозинството од Северноирците сакаат, наместо да бидат дел од Британија, да се приклучат кон Република Ирска.
Ново на Сител
-
Повисока цена по километар за приватните превозници, билетот за граѓаните не се менува
-
Тема на денот со Златко Перински, министер за локална самоуправа
-
Изгласан Буџетот на Град Скопје за 2025 година
-
Преглед на вестите од светот
-
Обвинителството се повлекува од гонење на Вељановски, Ристовски и Јанакиевски за 27 април
-
Ќе се разрешуваат членови на Судски?
-
Христовски ги исполнил условите
-
Османи: Груби згреши што избега