Македонија
9. November 2022 - 13:36

Џафери: Не ми е познато зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не дојдоа на средбата од „Жан Моне процесот“

 Претседателот на Собранието Талат Џафери нема информација од кои причини пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствувале на средбата која е дел дијалогот Жан Моне и се однесува на измени на Деловникот за функционирање на Собранието но, како што рече, ќе им ги достави во писмена форма.

Џафери на новинарско прашање за последната средба појасни дека биле направени подготовки и еднаш (на 28 октомври) на барање на ВМРО-ДПМНЕ заради партиски активности била одложена и бил оставен простор за договор на друг датум.

– Оставивме простор да се договориме за наредниот термин. Во меѓувреме да дадоа одговор кога би можело да биде. Со оглед дека имам надлежност како претседател на таа работна група и како претседател на Собранието и на 2 ноември сите беа известени дека средбата е закажана и ќе се одржи на 8 ноември. Од за мене непознати причини, вчера не дојдоа. Тоа е нивно право дали ќе дојдат или не. Ценам дека тој процес треба да биде сеопфатен, консензуален и така и ќе продолжи, рече Џафери по настан во Гостивар на кој се промовира работењето на македонскиот Парламент.

Заклучоците од средбата, потенцира Џафери ќе бидат доставени до пратениците од пратеничките групи коишто не биле присутни.

Првиот парламентарец најави можност за присуство на европратеници во дијалогот за составување на нов деловник. За Џафери тоа е важно од аспект на избегнување на можноста за блокирање на работата на Собранието.

– Нов или дополнување на постоечкиот ќе ги пополнат празнините при спроведувањето на Деловникот кој сега дава можноста за блокирање на работата на Собранието. Овој орган според Устав е претставнички орган на граѓаните и тој не смее да биде блокиран. Во интерес на граѓаните и институциите на државата, собранието да биде функционална институција, подвлече Џафери

За процесот на уставни измени, Џафери смета дека не е проблематично вметнувањето на други заедници во Уставот, повеќето политички субјекти се согласни со тоа.

– Уставните измени не е работата од интерес на мнозинството или опозиција, туку тоа е суштината за остварување на втората стратешка цел, по зачленувањето во НАТО, членството во ЕУ.

Тој препорачува да се надминат теснопартиските интереси и процесот за уставни промени да биде сéопфатен.

– Мислам дека на ваков начин треба да се гледа процесот на уставни измени. Секако мнозинството не може да каже дека има мнозинство сега за уставни измени, оти тоа не е само интерес на мнозинството. Затоа треба да биде сеопфатен процес во којшто сите пратенички групи ќе учествуваат, подвлече Џафери.