Македонија
2. October 2019 - 18:05

Џафери – Ѓукановиќ: Северна Македонија и Црна Гора да ја зголемат економска соработка како што постои во одбраната

Северна Македонија и Црна Гора треба поинтензивно и пофокусирано да работат на економската соработка, за нејзината динамика и содржина за придобивка на граѓаните на двете држави. Треба да се следи примерот на одличната соработка што постои во одбраната, здравството, спортот, јавната управа и земјоделството, бидејќи поголемите инвестиции и добрите економски проекти ќе ја надградат квалитетно целокупната билатерална соработка.

Ова денеска го констатираа претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и претседателот на Црна Гора на Мило Ѓукановиќ кој е во официјалната посета на нашата земја.

На средбата во Собранието присуствуваа и пратениците од Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Црна Гора Лилјана Кузмановска, претседател на Групата и членовите, Благојче Трпевски и Мирсада Емини-Хасани.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери истакнал дека наш нагласен интерес е интензивирање на политичко безбедносната соработка во НАТО контекстот и пренесувањето на искуствата на Црна Гора на овој план.

Претседателот Ѓукановиќ, ја поздравил храброста и политичката смелост да се постигне Преспанскиот договор, свесен за големата жртва што ја направи Република Северна Македонија, но со единствена визија за натамошен просперитет на државата и нејзините граѓани.

-Честиташе и на успесите во НАТО интеграцијата и ја пренесе подготвеноста на својата држава да ги сподели со Република Северна Македонија искуствата од европската и евроатланската интеграција, исто како што и Црна Гора претходно црпела искуства од Република Хрватска, се истакнува во соопштението на Собранието на РСМ.

Ѓукановиќ укажал дека помошта од соседите на овој план значи многу, особено и поради заеднички цели и интереси, менталитетот на народите, визиите на политичарите и очекувањата на граѓаните. Истакнал дека по влезот во НАТО, инвестициската клима драстично се подобрила, а перцепцијата за Црна Гора на надворешно – политички и меѓународен план се подигнала на многу високо ниво како кон земја НАТО сојузник и потенцијална членка на Европската унија.

Соговорниците и делегациите размениле мислења околу парламентарното работење, дијалогот власт – опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.