Македонија
12. January 2025 - 16:27

Две нови стамбени зони во Штип со куќи за индивидуално домување

Нова стамбена зона за домување ќе се гради близу штипската приградска населба Три Чешми. Согласно Деталниот урбанистички план на општината, пробно беа продадени 10 парцели за изградба на куќи за индивидуално домување, а бидејќи граѓаните пројавија голем интерес, локалнaта самоуправа реши да распише нов оглас за отуѓување на повеќе плацови. 

- Интересот дефинитивно е присутен. Во периодот кој следи, согласно ДУП на оваа локација се предвидени стотина парцели, маркици за индивидуално домување. Во наредниот период Општина Штип ќе распише нов повик за отуѓување на плацеви за индивидуално домување. Верувам дека интересот кај граѓаните на Штип, но и кај сите граѓани од околните населени места ќе биде задоволителен за истите да се отуѓат и за да на оваа локација се создаде една урбанизирана населба, изјави Иван Јорданов, градоначаланик на Штип

Во меѓувреме просторот инфраструктрутно ќе се урбанизира, за да ги задоволи потребите на новите станари. 

- Општина Штип освен повикот за отуѓување има обврска инфраструктурно да го уреди целиот тој потег со основен степен на уреденост, со изградба на улици, на подземна инфраструктура, водовод, канализација и осветлување на самата локација, додаде Јорданов.

Освен новата зона во Три Чешми, нова населба во Штип ќе има и на просторот меѓу населбите Сењак 4 и Баби. На ваков начин граѓаните имаат можност да го решат своето станбено прашање, да создадат свој дом, а градот да се развива и урбанизира.