Свет
20. February 2020 - 9:59

Две лица загинаа во верижен судир на околу 200 возила во Канада

Две лица загинаа, а 90 се повредени во вчерашниот верижен судир на околу 200 возила во реонот на градот Ла Прери, јужно од Монтреал, соопшти канадската полиција.

Здравствените власти соопштија дека 60 луѓе се здобиле со полесни, а 30 со посериозни повреди. Полицијата потврди дека двајцата загинати се наоѓале во исто возило.

Министерот за транспорт на провинцијата Квебек, Франсоа Бонардел изјави дека причина за несреќата е ненадејна виулица, која предизвикала намалена видливост.

Според локалните медиуми, меѓу судрените возила имало десет камиони, шлепер со гориво, патнички и училишни автобуси. На местото на инцидентот веднаш биле испратени десетици амбулантни и пожарникарски возила.