Македонија
14. August 2017 - 17:19

Два нови археолошки локалитети во Пијанец

Киселичката пештера и локалитетот Градиште во Киселица се нови арехолошки локалитети во Пијанец, откриени во рамки на проектот „Пајонски утврдувања и населби во Брегалничкиот басен“, кој го реализира Факултетот по археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

На двете нови археолошки наоѓалишта во атарот на делчевското село Киселица работеа студентите по археологија под менторство на професорите Трајче Нацев и Дарко Стојановски.

Професор д-р Трајче Нацев истакна дека на локалитетот Градиште се откриени остатоци од стар сакрален објект.

- Најстарата фаза на објектот е базиликална градба од 5-6 век од нашата ера, кој најверојатно бил урнат при крајот на 6 и почетокот на 7 век, но имаме информации и од месното население, но и арехолошки податоци дека на објектот е обновен во 13-14 век и била подигната мала еднокорабна црква врз темелите на старата градба, која подоцна на почетокот од 20 век била урната. Но, за месното население ова место останало свето, па овде и подоцна населението доаѓало, се принесувале дарови, рече Нацев.

Тој истакна дека во непосредна близина на овој локалитет е пронајдена монета Клаудија која припаѓа на периодот 40 години пред нашата ера, а во овој момент се прави и техничка документација за сондата.

Стојановски посочи дека за прв пат во Источна Македонија археолозите од Факултетот при УГД, археолошки истражувале пештера. Појасни дека станува збор за Киселичката пештера, а со археолошките истражувања се докажало дека во пештерата имало живот и пред повеќе од 10 века пред новата ера. 

-Вршевме сондажно арехолошко истражување, за прв пат на пештера во Источна Македонија. Во оваа пештера утврдивме два поинтензивни културолошки периоди на користење на пештерата. Најстариот е од доцната бронза и раното железно време, кога во самата пештера бил креиран објект и втората фаза е од доцната антика. Пештерата била посетувана и во подоцнежните фази, истакна Стојановски.

Во истражувањата на теренот и во рамки на проектот, четврта година по ред се вклучуваат и студентите по археологија при УГД, па освен новите докази за науката, овој проект има и едукативна цел за студентите по археологија. Истражувањата во Делчевско ќе продолжат до крајот на овој месец, а следната локација каде што ќе се работи е атарот на делчевското село Град.