Македонија
25. јуни 2019 - 18:05

Дураки поднесе оставка во МЖСПП заради преземање на новата министерска функција

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека  Садула Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање, од причина што е предложен за министер за новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

-Ви благодарам Вам и на сите членови на Владата, како и на претставниците во Собранието за искажаната доверба и за доделената чест да придонесам во подобрување на состојбата во животната средина во Република Северна Македонија, наведува Дураки во упатената оставка до премиерот Зоран Заев.

Додава дека додека ја извршувал функцијата се соочил со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина. -Според сегашната состојба, некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап, наведува Дураки.

Смета дека некои проекти спроведени за време на неговото раководење ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина но, за жал, како што вели,  „во некои области од животната средина се уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување“.

Во оставката истакнува дека МЖСПП  располага со стручен кадар кој несебично ќе се вложи и ќе му помогне на новиот тим да креира и да ги спроведува политиките во животната средина и просторното планирање.