Македонија
24. January 2018 - 14:52

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја затвори приватната болница Санте плус

Министерството за здравство извести дека вчера од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е извршен вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Свети Лазар (Моја Болница-Санте плус),
во однос на почитување на законската регулатива.

„При надзорот се констатирани недостатоци, заради што од страна на ДСЗИ, записнички и со решение е дадена забрана за работа се до отстранување на констатираните недостатоци“, извести Министерството за здравство.

Во соопштението од таму не се појаснува за што точно се работи и какви се констатираните недостатоци.

Приватната болница Санте плус е на тапет откако почина родилката Дебора Џамбази која се породувала таму во четвртокот со царски рез.

Од болницата ја транспортирале родилката на државните клиники, и од таму тврдат дека таа била однесена жива во КАРИЛ, но од КАРИЛ се децидни дека таму е однесена почината.

Нејзиното бебе се наоѓа на Клиниката за детски болести од каде потврдија дека бебето е во тешка но, стабилна состојба.

„Бебето е стабилно, но уште е во критична состојбата. Се уште е на апарати за дишење, денеска ќе се направи уште една контрола така што се надеваме дека ќе успее да се извлече иако е донесено со крвавење на мозокот“, изјави Катерина Ставриќ директорка на Клиниката за детски болести.

Министерството за здравство формираше комисија која го истражува случајот со смртта на младата родилка.