Државата дала милиони за субвенционирање на струјата – затоа сега грчки Митилинеос ќе гради когенеративна централа во Скопје
Владата потрошила многу пари за да ја субвенционира струјата за граѓаните за време на енергетската криза – затоа сега не може самата да ја изгради новата когенеративна централа во Железара за која планира да му ја даде на грчки Митилинеос.
Откако енергетските екперти побараа државата сама да ја изгради оваа централа, вицепрмиерот Битиќи на брифинг со новинарите рече тоа е невозможно бидејќи за време на кризата милиони биле префрлени во касата на ЕСМ.
-Околу 400 милиони евра отидоа кај граѓаните, затоа што изминативе години бевме во таква криза и се даваа пари во ЕСМ, рече Битиќи.
Предвидено е Централата да произведува над 100 мегавати часови електрична енергија и повеќе од 270 мегават часови топлинска енергија. Владините претставници тврдат дека со оваа количина би се овозможило дополнителни 35 илјади домаќинства од северниот дел на Скопје да се вклучат на парно.
Меѓутоа, ќе мора да се направи и нов крак. Доколку тој не биде изграден државата ќе ја плаќа енергијата, а нема да има каде да ја пласира. Затоа и останува отворено прашањето што ќе биде со ТЕ-ТО – приватна компанија која обезбедува топлинска енергија.
-Одете и прашајте ги нивните партнери, кога највеќе ни требаше енергија нè уценуваа. Преговорите во текот на кризата со нив беа толку долги и тешки. Централата ТЕ-ТО ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив. Да немав безбедносен сертификат ќе споделев повеќе информации, рече Битиќи.
Освен когенеративната централа, во Собрание пристигнаа предлог-закони за уште три инвестиции. Грин Тецк ќе треба да гради централи во Штип и Свети Николе. Оваа компанија 10 години ќе биде ослободена од данок на добивка. Но и покрај ваквата поволност, Битиќи не одговори дали компанијата има претходно искуство во овој сектор и рече дека секој има право да конкурира за стратешко партнерство.
Другите два проекти се Стипион соларниот парк, како и нова централа во Пехчево.
Енергетските експерти веќе оценија дека договорите за нови централи се штетни. Велат дека странците ќе добијат милионски суми, а за возврат ќе плаќаме трипати поскапа струја. Велат дека државата се обврзала да ја откупува струјата по цена која е од 15 до 35% поскапа од берзанската. Но Битиќи уверува дека формулата која е вметната во договорот значи дека државата ќе купува струја која е за 5% поевтина.
Согласно пресметките на енергетските пресметки, доколку државата одлучи самата да ги изгради централите за 30 години, колку што е времетраењето на договорите, државата ќе оствари ќар од над 1 милијарда евра.
Дебатата во Собранието за четирите стратешки инвестиции ќе почне утре.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар