Македонија
14. јуни 2021 - 17:54

Драмскиот ансамбл од струмичкиот центар за култура повторно излезе на протест

Драмскиот ансамбл од струмичкиот центар за култура повторно излезе на протест. Овој пат нивните прашања и барања ги испратија од пред просториите на основното јавно обвинителство. Незадоволни се бидејќи обвинителството ја отфрлило пријавата за измама што тие ја поднесоа против ново назначениот директор на центарот за култура. Добиле одговор дека пријавеното дело не е кривично за кое се гони по службена должност и затоа нивната пријава била отфрлена.

„Целта на нашата пријава беше Обвинителството да ја провери веродостојноста на 5 договори на дело, склучени на волонтерска основа со извесно балетско студио од Радовиш, како и еден договор за дело, повторно склучен на волонтерска основа со невладина организација од Струмица. Обвинителството, одлуката за отфрлање на пријавата ја донело врз основа на Известување и Извештај од Министерството за култура и од Комисијата за селекција на кандидати, како и од прибавените договори од балетското студио и невладината организација“, рече актерот Коле Черкезов.

Од драмскиот ансамбл сметаат дека со таквото постапување обвинителството направило суштествени повреди на постапката и и повреда на материјалното право. Најавија дека нема да се откажат од намерата да ја докажат вистината за која се убедени дека е на нивна страна поради што веќе поднеле жалба до вишото обвинителство во Штип.

Од обвинителството во Струмица одговорија дека тие постапиле по случајот и донеле одлука. Доколку подносителите на пријавата не се задоволни може да побараат за одлуката да се произнесе повисока инстанца.