Македонија
15. March 2021 - 10:30

Досега евидентирани 64.176 лица преку апликацијата за самопопишување

 Преку апликацијата за самопопишување заклучно до 08.00 часот денеска се евидентирани 64 176 лица од дијаспората.

Пописот на лицата кои се во странство почна на 1 март. Преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци, а попишувањето ќе се одвива до 21 април 2021 година

Од 1 март се попишувааат и вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица како и сите лица – државјани на Република Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој. Попишувањето на овие македонски државјани се спроведува 15 дена и денеска е последниот ден

На прес конференција денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе информира за  спроведување на пописот досега.

Османи во саботата преку видео обраќање на „Фејсбук“ истакна дека апликацијата функционира едноставно и оти Министерството за надворешни работи е посебно ангажирано во овој процес, односно има отворено посебни телефонски линии опремени со најсовремените дигитални алатки ватсап/вајбер за да може граѓаните од која било точка на планетава да се обратат. Информациите се достапни и на веб страната на МНР и на веб страните на амбасадите.

Во видео обраќањето, Османи порача дека со веродостојни податоци се отвораат нови можности за државата, дијаспората и за Министерството за надворешни работи, а се обезбедуваат и политики за привлекување на граѓаните за враќање во државата.

И премиерот Зоран Заев вчера ја повика дијаспората да се вклучи во процесот на самопопишување за да може да се добие јасна слика за бројот на иселеници и да се креираат стратегии и политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување на трајни врски на државата со дијаспората.

Пописот на населението во земјава ќе се спроведува од 1 до 21 април 2021 година.