Бизнис
30. November 2020 - 13:17

Допрва ќе се одлучува кој ќе продолжи да работи во недела

Во надлежност на Министерството за економија се секторот за трговија, угостителството, туристичката дејност и занаетчиството. Треба прво да разговараме со бизнис заедницата и стопанските комори. Откако тие ќе ги дадат своите мислења и предлози, ќе донесеме соодветно решение. Вака денеска одговори министерот за економија, Крешник Бектеши на новинарско прашање кои сектори нема да работат во недела.

Според Бектеши, засега е разговарано само со угостителите и со компаниите од туристичката дејност. Тие мислат дека не треба да се направат никакви измени и во овие два сегмента до средината на наредната година најверојатно ќе остане да важи постоечкото законско решение.

Министерот е дециден дека во трговијата на мало нема да има никакви измени, односно дека малопродажните објекти ќе продолжат да работат согласно Законот за трговија. Но, за измени се размислува во трговијата на големо. Кај големите магацини или маркети има неколку опции, рече Бектеши, кои ќе бидат пратени на разгледување во Влада, а откако ќе биде добиено „зелено светло“ и од коморите, ќе се донесе такво решение.

Коморите порачуваат да не се брза со одлуката недела да биде неработен ден. Тие веќе ги добиле информациите од Министерството за труд, но треба да ги разгледаат и потоа да излезат со свои предлози.

-Во моментот сме при крај со анализата. Ќе отвораме дискусија. За туристичките агенции и угостителите најверојатно ќе остане постоечкото решение до средината на наредната година, а за Законот за трговија се прават неколку опции, посебно за трговијата на големо каде ќе има одредени измени, но тие нема да бидат веднаш зашто треба да бидат информирани сите бизниси во земјава. Секако, треба првично да бидат информирани и во соработка со стопанските комори да се донесат такви решенија, истакна Бектеши.

Неговиот личен став, рече, се совпаѓа со оној на угостителите и туристичките работници.

-Јас исто мислам како што мислат угостителите и туристичката дејност. Нашиот став е дека нема да има измени во Законот за туристичка дејност и угостителство, имајќи предвид дека во постоечкото решение е предвидено и работното време, подвлече министерот.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа рече дека во петокот имале состанок во Владата со вицепремиерот за економски прашања, Битиќи и министерката Шахпаска.

-Ги истакнавме нашите барања, да се почитуваат некои правила, делот од бизнисите кои оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста, но треба да се запази и делот на сите вработени за да имаат еден ден одмор во текот на неделата и тоа да се почитува. Истакавме и дека не треба да се брза со ова прашање зашто информациите од Министерството за труд ги добивиме. Треба да ги разгледаме и да излеземе со наши предлози, рече Хоџа.

Хоџа и министерот Бектеши денеска потпишаа Меморандум за соработка на двете институции.