Свет
20. December 2020 - 11:03

Доналд Трамп е против поостри мерки, како што е случај во Велика Британија

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни против воведувањето строги ограничувачки мерки во земјата поради ширењето на коронавирусот, за разлика од Велика Британија.

– Не сакаме строги ограничувачки мерки. Решението на проблемот не смее да биде полошо од самиот проблем!“, напиша тој на својот профил на Твитер, приложувајќи линк до материјалот на Би Би Си за заострување на рестриктивните мерки во Велика Британија и преминување на претходно непостоечкото четврто ниво.

На вонредната прес-конференција вчера попладне, британскиот премиер Борис Џонсон рече дека стапката на ширење на Ковид-19 во земјата нагло се забрза по идентификувањето на новата генетска варијанта на коронавирусот. Поради тоа, состојбата со епидемијата во Лондон и југоистокот на Англија бара воведување на зголемено ниво на ограничувања.

Четвртото ниво на закана од ширење на инфекцијата, кое сега ќе стане максимално наместо досегашното трето, предвидува забрана за продавници кои не продаваат суштински производи, како што се фризерници и спортски сали, покрај претходно затворените ресторани, пабови и кафулиња. На луѓето им се препорачува да не ги напуштаат своите домови доколку не е апсолутно неопходно и да се воздржат од патувања во земјата и странство. Воведени се ограничувања при влегување и напуштање на оние области каде е во сила четвртото ниво на ширење на инфекцијата.

И претходно, Трамп постојано се спротивставуваше на воведувањето на строги санитарни ограничувања во САД и се залагаше за отстранување на постојните, објаснувајќи го ваквиот пристап со фактот дека тие и штетат на економијата на земјата, што за возврат уште повеќе ја отежнува борбата против ефектите на коронавирусот.