Долготрајна, хронична кашлица - можни причини и поттикнувачи
Брзо дејствување по одредени симптоми, може да помогне за брзо надминување на кашлицата. Исто така, спречувањето, т.е. превенцијата е многу важна.
Долготрајната, односно хронична кашлица може да биде непријатна, но може да значи и посериозна здравствена состојба. Во случај на хронична кашлица, важно е стручно да се проверат причините за тоа. Само лекар може со сигурност да каже зошто некој има постојана кашлица. Следат дел од можните причини.
Астма
Се работи за хронична болест што ги погодува белите дробови, предизвикува повторени епизоди на отежнато дишење (познати како напади на астма), стегање во градите и ноќна и / или утринска кашлица, истакнуваат стручњаците. Таа е една од најчестите болести која ги погодува децата, но и возрасните лица.
Предизвикувачите на астма се различни за секого - вежбање, одредена храна, чад од цигари и други надразнувачи во воздухот што ги предизвикуваат нападите. Идентификувањето и избегнувањето на предизвикувачите (или барем минимизирање на изложеноста на нив) е клучно за управувањето со астмата.
Алергии
Зиме, минуваме повеќе време во затворени простории, па така човекот е и поизложен на алергени. При алергии на влага, прашина и други вообичаени поттикнувачи, може да дојде до постојана кашлица. Во случајов се препорачува разговор со алерголог и тест за алергија. На овој начин ќе се дознае на што лицето е алергично и како да се држи подалеку и настрана од тие алергени.
Загадувањето на воздухот
И воздухот може да предизвика постојана кашлица. Дури и краткотрајно изложување на некои гасови може да доведе до и иритација на белите дробови. Испарувањата, исто така, може да ги влошат симптомите на алергија или астма.
Истото важи и за мувла во и околу домот.
Последици од потешка болест или зараза
По тешко заболување на дишните органи, како што се пневмонија и грип, по заздравувањето може да остане постојана кашлица. Тоа може да трае со недели и месеци.
Оваа продолжена кашлица може да укажува и на тоа дека може да има долготрајна инфекција во телото и се советуваат дополнителни тестови за овие случаи.
Пушење
Луѓето кои пушат често развиваат кашлица предизвикана од природниот одговор на телото да се ослободат од хемикалиите што навлегуваат во дишните патишта и белите дробови. Може да почне како сува кашлица, но на крајот неизбежно има и слуз.
Научен труд објавен во списанието „Медисин“ (Medicine) ја разгледува преваленцата на хронична кашлица и можните причини кај општата популација. Испитувањата засновани на Корејското национално истражување за испитување на здравјето и исхраната, опфатиле 119.280 возрасни лица на возраст над 40 години, и покажуваат дека 47,7 отсто од испитаниците со хронична кашлица биле пушачи во тој миг.
Секако, најлесниот начин за пушачите да се ослободат од кашлицата е откажување од цигарите. Па така, доколку треба помош во тоа, советот гласи - матичниот лекар може да Ве упати во вистинската насока.
Ново на Сител
-
Изјавата на Кешишев нема да го смени обвинението - Има цврсти докази дека Палчо ги убил Вања и Панче
-
Каранфилова ќе работи на враќање на довербата во СДСМ, за власта таа е уште еден потрчко на Заев
-
ЕУ утре ќе донира 6 електрични автобуси на ЈСП, Владата ќе купи уште стотина
-
Гасификација, електрични автобуси, делење на возило се опциите за справување со загадениот воздух во Скопје
-
ССК задоволни од условите за кредитите од унгарскиот заем
-
Измамници праќале лажни пораки во име на ФЗО – Државата подготвува Закон за сајбер безбедност
-
Почина Владиката Тимотеј
-
Преглед на вестите од светот