Македонија
11. November 2020 - 19:46

До сега нема ниту една трансмисија на Ковид-19 во училиштата

До сега нема ниту еден случај на трансмисија на вирусот интерно во градинките и училиштата, тврди директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Според последниот извештај испратен до Комисијата за заразни болести регистрирани се 18 деца позитивни на вирусот и 120 случаи меѓу вработените во образовните институции. Според надлежните, сите случаи биле од надвор.

„Во последните два месеци ДСЗИ има направено повеќе од 1.000 вонредни инспекциски надзори во институциите, односно правните субјекти кои се под наша надлежност. Тука спаѓаат и градинките и училиштата. До овој момент немаме регистрирано пренесување на инфекција САРС-КоВ-2 внатре во градинките и школите. Претежно, тоа се импортирани инфекции од надвор”, изјави Д-р Ирина Сотирова Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

И министерката за труд тврди дека доследно се почитуваат протоколите во образовните институции и дека вирусот не се шири меѓу децата и вработените.

„Кога велам вработени тука се мисли и на негуватели, воспитувачи, готвачи, хигиеничари и останатиот кадар. Од тие 120, 51 лице е воспитувач, 50 негуватели, а 19 се од останатиот кадар во градинките. Бројот на лица кои што беа ставени во изолација секако е многу поголем. Некаде над 1.200 деца се во изолација заради тоа што имале контакт со позитивен вработен во градинката. Односно, тие не се позитивни, туку се отстранети заради безбедносни причини”, изјави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Од Инспекцискиот совет сметаат дека поголемите овластувања што инспекторите ги имаат од пред десетина дена, како и новите мерки и пропишаните глоби, даваат резултати. Од околу 4.300 контроли и надзори на Пазарната инспекција во текот на минатата недела, затворен е само еден угостителски објект во Куманово поради непочитување на протоколите за работа.