До октомври можеби Прилеп ќе добие спортска сала
До почетокот на идната спортска сезона, односно месеците септември или октомври големи се шансите во Прилеп повторно да биде отворена Универзална сала. Ова го истакна новиот министер за спорт Борко Ристовски кој изврши увид во салата која во моментов е во владение на ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од каде до сега тврдеа дека салата е затворена поради проблеми со конструкцијата на една од трибините. Во периодот кој следува ќе се извршела целата потребна инспекција.
„Според првите сознанија нема некои големи градежни зафати кои што треба да се прават за да оваа сала биде функционална. И се гледа дека причините за нејзиното затворање повеќе биле политички отколку што биле спортски. По направената анализа и испитувањата во најбрз можен рок ќе ги решиме и правно имотните проблеми и ситуации кои ги има оваа сала и во најбрз можен рок ќе се ставиме во решавање на проблемот и верувам дека до почетокот на сезоната ќе биде решен и овој проблем. Ќе требаат мали реновирања и освежувања на оваа сала за да таа стане функционална“, истакна Борко Ристовски, министер за спорт.
Спортистите пак категорично тврдеа дека апсурд е што салата е затворена скоро 10 години затоа што проблемот се решавал со инвестиција од неколку илјади евра.
„Се надевам дека со нашиот нов министер ќе најдеме начин и во најбрз можен рок ќе имаме услови да го преадаптираме односно да го рехабилитираме се она кое што на прв поглед односно во првите забелешки недостасува за оваа спортска сала повторно да биде активна“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Во Прилеп не функционира ниту сала „Македонија“ која над 2 децении нема технички прием откако беше реновирана во 2000-та после пожарот кој ја зафати. Таа во моментов е во владение на Jавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти кое ја издава по закуп. Ќе се правело ревизија на договорот за закуп и за таму ќе се барало решение како салата да профункционира.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар