Свет
21. October 2020 - 18:43

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 41.272.150 лица. Од последици од Ковид-19 починале 1.132.528 пациенти, а оздравеле 30.771.960 луѓе

– Во Италија, во последните 24 часа се потврдени 15.199 нови случаи на Ковид-19, што е највисоко од почетокот на епидемијата, соопшти денеска италијанското Министерство за здравство. Во тој период 127 лица починале, но тоа е се уште многу помалку отколку за време на пикот во март и април, кога 900 луѓе умираа речиси секој ден од последиците на вирусот. Во болница и на одделот за интензивна нега има 926 лица.

– Рекорден број на инфекции се регистрирани во Холандија во изминатите 24 часа – над 8.500, покажуваат податоците објавени денес од Националниот институт за јавно здравје. Според институтот, во последните 24 часа биле регистрирани 8.764 случаи на заразени со коронавирусот, што е за 589 повеќе отколку вчера. Уште 59 пациенти починале, според институтот.

– Во последните 24 часа во Србија коронавирусот е потврден кај 512 лица, што е најголема регистрирана бројка од почетокот на пандемијата. Едно лице е починато како резултат на коронавирусот или вкупно се починати 781 заболени. Тестирани се 7.425 лица, а 27 пациенти се наоѓаат на респиратори. Како што јави допсиникот на МИА од Белград, поради зголемување на бројката на заболени, донесена е одлука редовната седница на Кризниот штаб која требаше да се одржи во петок, истата итно да се одржи во четврток.Според епидемиологот и член на Кризниот штаб, Бранислав Тиодоровиќ, постои реална опасност од прелевање на лошата состојба со епидемијата од соседните земји во Србија, поради што тој не ја исклучи можноста од воведувањето на задолжителен PCR-тест или серолошко тестирање при влез во Србија. -Би го побарал тоа и за сите српски државјани. Луѓето од Врање, Бујановац, Прешево секојдневно преминуваат во Македонија да купуваат гориво, да шверцуваат, да тргуваат… А Македонија гори. Да беа само во нашата земја,немаше да имаат контакт со заразените и не би ја ширеле заразата. И Хрватска има огромно зголемување, Бугарија има страшно зголемување, Црногорците секогаш се на високо трето место. Затоа сум за тоа никој да не влегува во Србија без негативен ПЦР или серолошки тест, изјави Тиодоровиќ.

– Во Албанија во последното деноноќие од направените 1.375 тестови Ковид-19 е дијагностициран кај 297 лица, што е околу 22 отсто од тестираните.Во исто време битката со опасниот вирус ја добиле 116, додека починале четири лица. Од почетокот на пандемјата до сега направени се 111.564 тестови, заболени биле 17.948,оздравеле 10.341 а починале 462 лица. Активни на болеста се 7.145 од нив 257 се хоспитализирани во двете ковид болници во Тирана,од кои 19 се на интензивна терапија а петмина се интубирани.

– Нови 124 заболени, 49 излекувани и ниеден починат од Ковид-19 се регистрирани во Косово во последните 24 часа. Вклучително овие податоци, според статистиките на Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК), од почетокот на пандемијата во земјата се евидентирани 17.263 носители на вирусот, од кои 14.836 се излекувани, додека 657 починале. Бројката на активни случаи моментно изнесува 1.770. Според ИКШПК, вчера се извршени 974, а од почетокот на пандемијата 82.678 тестирања со методот РТ-ПЦР.