Диви депонии
„Без казни Македонија не може да се исчисти од целиот овој отпад. Едноставно не помагаат ниту едукација, ниту ништо, ние немаме едноставно култура на живеење, ние се претворивме во општо ѓубриште и во луѓе кои не си ја сакаат државата“, вели Лилјана Силјаноска Пурдеска, ЈКП Комуналец Прилеп.
Над 27 локации регистрирани како диви депонии во Прилеп, со години истиот проблем, ѓубре буквално на секој чекор, целата околина на градот е максимално загадена. Комбинација на крајно несовесни граѓани од една страна, а од друга страна институции и инспектори кои воопшто не излегуваат на терен и немаат пишано ниту една казна за овие злодела против животната средината. Отпад истураат каде ќе стигнат и физички и правни лица, сите ги гледаат кои се, но никој не презема ништо.
„Слободна е депонијата во Алинци кога сакаат, еве не мора ние да го подигнеме. Истите километри се од Прилеп до тука и од Прилеп до Алинци.
Бесплатно е таму полагањето на отпадот?
Бесплатно е. Милион пати истото е кажано дека слободно може целиот отпад кој не може со редовната линија да се однеси таму“, додаде Силјаноска Пурдеска.
Од прилепски Комуналец велат дека годишно за чистење на дивите депониите се трошат по просечно околу 4 милиони денари. Пари кои наместо за ова може да се употребат за други проекти. Но колку и да чистат за неколку недели повторно истите места се враќаат во депонии. Се одлага буквално се, па и огромни количини на градежен шут и тоа од градежните компании кои никој не ги казнува.
„Но ние во Прилеп како да немам слух и разбирачка дека ние овде живееме, дека утре и твоето и моето дете е тука и ова не може да оди до бескрај. Цела Македонија се претвора во едно огромно ѓубриште“, додаде Силјаноска Пурдеска.
Од инспекторатот во Општина Прилеп признаваат дека досега немаат пишано, ниту една казна за нелегално депонирање отпад. Немале ниту кадар, ниту доволно возило. Велат дека полицијата пред се требало да ги казнува сторителите. Од полицијата пак топката ја враќаат кај инспекторатот.
Од прилепски Комуналец сметаат дека изградбата Регионалната депонија во Новаци ќе ги намали дивите депонии, бидејќи тогаш колку што се носи отпад таму толку и ќе плаќа општината и тогаш можеби инспекторите ќе излезат на терен да казнуваат.
„Овој отпад тогаш ќе дојде да го плати јавното претпријатие, а ЈП кога ќе снема пари ќе земе од општината, а со тоа може да се покачи и сметката. Најверојатно тогаш самата институција Општината, инспекторатот, можеби ќе работат повеќе“, рече Силјаноска Пурдеска.
На ист став се и од Министертвото за животна средина.
„Овој Регионален центар за управување со отпад покрај изградната на таа депонија во Новаци предвидува и изградба на три претоварни станици, за овој регион тие ќе бидат во Дебар, Охрид и Прилеп. И таму во најголем дел ќе се врши селекцијата на отпадот. Во овие претоварни станици ќе се врши главната селекција на отпад и всушност во депонијата во Новаци ќе оди само од 20 до 30% на отпад кој што ќе преостане, а другиот селектиран отпад ќе се преработува во претоварните станици“, изјави Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина и просторни планирање.
Според Лашкоска во овој капитален проект е до национален интерес.
„Одговорно тврдиме дека само 20 до 30% ќе оди од отпадот таму, претходно е направена студија на која се работело со години и е утврдено дека треба да биди депонијата во тој стар коп на РЕК Битола кој повеќе не се користи, земјиштето е девастирано и не може да има никаква штета, а и со тој отпад кој што ќе се носи таму нема дфа се направи никаква штета“, потенцираше Лашкоска.
Потребна е итна стратегија за овој проблем како и итно разбудување на свеста кај граѓаните дека ако ние сами не си помогнеме, друг нема да дојди да ни исчисти по дома.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар