Македонија
3. August 2017 - 17:37

Дискусија за правата на лицата со попреченост

Околу 50-тина владини претставници од ресорните министерства и тела, асоцијации на лица со попреченост, граѓански здруженија, организации и агенциите на Обединетите нации во Македонија и експерти учествуваа на тематската дискусија „Зајакнување на националните механизми за мониторинг и имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“.

Организатори на дискусијата се Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на постојаната претставничка на Обединетите нации.

Според организаторите, целта е согледување на актуелната ситуација во државата по процесот на ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, досегашните достигнувања, како и идентификување на идните чекори кои ќе водат кон квалитетен активен живот на лицата со попреченост и уживање на основните човекови права и слободи. 

- Досега имаше две тела, Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, формирано од Владата, кое имало само еден состанок од неговото формирање и Национално координативно тело за еднакви права на лицата со попреченост, формирано за следење на одредбите од Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со попреченост 2010-2018 година, истакнала министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. 

Според неа, потребни се две тела согласно насоките на Комитетот за правата на лицата со попреченост со одвоени надлежности. Едно за спроведување на Конвенцијата со назначени координатори од државните органи и второто за следење на спроведувањето, кое треба да е независно и составено од претставници на организациите за заштита на човековите права, како Народниот правобранител и претставници на соодветните граѓански здруженија и лицата со попреченост, кое во соработка со агенциите на ОН во земјава, ќе ги реализира предвидените политики и мерки.

- Во духот на исполнување на одржливите развојни цели на Обединетите нации, задоволни сме од силната заложба на Владата за обезбедување еднакви права за сите. Свесни сме дека реализацијата на чекорите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост бара време, а и менувањето на општествените ставови поврзани со различните попречености не оди лесно. Правата на лицата со попреченост многу често се игнорирани. Ако сакаме прогрес, мораме да воспоставиме функционални и ефикасни национални механизми за имеплементација и мониторинг, како што и пропишува Конвенцијата на ОН, истакнала Луиза Винтон, постојана претставничка на ОН. 

Како што соопшти МТСП, присутните се осврнале и дале препораки како може да се подобри имплементацијата и развојот на механизмите за мониторинг, пропишани со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост на национално ниво.

Учесниците, како што се наведува, потенцираа дека е потребно да се обезбеди активно учество на сите вклучени страни во изработката на националните планови, стандарди и практики и во ревизијата на посточките стратегии во насока на нивно усогласување со Конвенцијата. Тие ја истакнале важноста од директната вклученост на лицата со попреченост во сите аспекти од делувањето, водејќи се од принципот „Ништо за нас, без нас!“ 

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации беше потпишана во 2007 година, а ратификувана од страна на Владата во 2011 година. Со Конвенцијата, Република Македонија се обврзува да обезбеди еднакви права и можности за сите граѓани и да овозможи рамноправен самостоен живот и заштита.