Димковски: Развојни мерки и решавање на проблемите во интерес на земјоделците
Со измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште овоможуваме изградба на објекти за промоција на земјоделски производи и објекти за спортско-рекреативни активности. Оваа реформа директно ќе влијае врз зголемувањето на инвестициите во руралниот туризам, главно преку искористување на средствата од ИПАРД Програмата, соопшти на денешната прес-конференција министерот за заемјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
– Ова значи дека уште на наредните огласи за закуп на земјоделско земјиште, сите кои сакаат да отворат угостителски објекти и ресторани за промоција ќе можат да конкурираат за добивање на земјиштето под закуп и да отворат објекти во угостителство и за спортско-рекреативни активности, рече Димковски.
Со измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште, опфатени се и одгледувачите на пчели.
– Со носењето на најновите законски измени даваме можност и одгледувачите на пчели да добиваат државно земјоделско земјиште со намена за поставување пчелни семејства. Со оваа мерка се создаваат основни услови за поинтензивен развој на оваа многу значајна земјоделска активност, рече Димковски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека ги ослободуваат младите земјоделци од плаќање закупнината. Лицата до 40 години, кои ќе добијат државно земјоделско земјиште ќе бидат ослободени од плаќање закупнина во првите три години од склучување на договорот за закуп. Со ова, како што рече, се стимулираат младите во државата да се занимават со земјоделство, создаваме поволни услови за поголема вклученост на младите во земјоделството, можност за почнување сопствен бизнис во агросекторот.
Посочи дека првпат се овозможува и измена на бизнис планот во ситуации кога, како што рече, неговата реализација е неизвесна затоа што закупецот не бил воведен во владение, но не по негова вина. Се овозможува и промена на земјоделска култура. Закупецот со претходна согласност на министерството може да изврши и промена на начинот на користење земјоделско земјиште, односна земјоделска култура која е предмет на договорот на промената не треба да влијае на времетраењето на договорот за закуп и на планираните финансиски инвестиции и вработување во земјоделското земјиште, кое било дадено под закуп.
– Со овој пакет на измени донесовме многу развојни мерки, нови политики и решавање на проблемите во интерес на земјоделците, рече Димковски, додавајќи дека МЗШВ ќе продолжи со креирање мерки и политики преку кои ќе се подобрат условите за зголемено производство и зголемување на обработливите површини. Целта, како што рече, е раст и развој на домашниот агросектор.
Собранието мината недела ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште.
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ
-
Зеленски го потпиша буџетот за 2025 со 60 проценти од трошоците за одбрана и безбедност
-
Мицкоски: Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници во Судскиот совет
-
Претседателката на Судскиот совет Дамева реагира на обвинувањата за продолжување на мандатот
-
Индија тестираше балистичка ракета од нуклеарна подморница
-
Сиљановска Давкова – Милативиќ: Да се интензивира економската соработка
-
Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово
-
Путин: Нема да дозволиме Киев да стане нуклеарна сила