Бизнис
10. August 2019 - 14:35

Димковски и Бабовски во посета на село Гермијан

 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска беа во посета на селото Гермијан, каде се запознаа со производство на пченица од овогодинешната реколта.

– Годинава според последните податоци вкупно се ожнеани 67.833 хектари или 92 отсто од вкупната жетвена површина која изнесува 73.479 хектари. Сето слободно земјоделско земјиште го ставаме на располагање на вистинскиот земјоделец, изјави министерот Димковски.

Како што се посочува во соопштението на МЗШВ, земјоделецот од село Гермијан, Владо Атанасовски, е позитивен пример за тоа, како со употреба на семенски материјал и со квалитетна прихрана може да се постигнат одлични резултати. Годинава на неговите ниви, кои се со квалитет од седма класа, добил просечен род од седум тони по хектар.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски изјави дека Агенцијата досега успеала да ги исплати сите основни мерки за субвенции од програмата за 2018 година и оти веќе се подготвува за исплата и на дополнителните мерки.

– До овој момент (Агенцијата) има исплатено 300 милиони евра средства преку мерките што ги спроведува, а тука спаѓаат и заостанатите субвенции од изминатите години од 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016, рече Бабовски.

Димковски потсети дека до денеска се поделени 34.000 персонализирани картички, со сума од 88 милиони денари, а до крајот на месец август се очекува бројката да достигне до 55.000 картички со што кај земјоделците се враќаат вкупно 200 милиони денари.