Димитриевски: Да бидеме горди на минатото, активни чинители на сегашноста и да носиме позитивни промени на иднината
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска положи свежо цвеќе пред спомен Костурница и се обрати пред присутните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Во продолжение, говорот на градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во целост:
„Денеска славиме голем празник за Македонија, голем празник за нашиот град. 11 октомври за нас кумановци има особено значење. Ова е ден кога од Куманово започнала борбата за промени. Ова е ден кога од Куманово започнала револуцијата и отпорот против фашизмот. Ден кога започнала борбата за ослободување на државата.
Овој ден со црвени букви е запишан во кумановската и македонската историја. Историјата е таа што ни дава основа да постоиме, сегашноста е подготовка за иднината, а иднината треба да биде подобра од минатото.
Изгледа оваа лекција никако да ја научиме, бидејќи сегашноста требаше да биде подобра од минатото, а не да се плашиме дека иднината ќе ни донесе реприза на претходно видено минато.
За Македонија и за Куманово 11 октомври 1941 е ден што донесе движење за слобода на државата. И токму денес повеќе од кога било порано важно е да не заборавиме дека Македонците заедно со Србите, Албанците, Турците, Ромите, Власите се бореа против бугарскиот, германскиот и италијанскиот фашистички окупатор.
Денес од кога било порано е важно да ги знаеме нашите корени, нашите битки, нашата историја, затоа што таа историја е корен на нашиот идентитет. Денес од кога било порано е важно да знаеме дека македонскиот идентитет не е и не смее да биде предмет на договори. Идентитетот не се брише со гума, не се менува, тој останува. Ние политичарите сме менлива категорија, а народот е тој истиот.
Народот е тој што го носи идентитетот и никој, ама баш никој, не смее да си игра со тоа прашање. А ако некој сака да избрише дека сме се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, тој тогаш историјата или не ја смета за своја, или има некаков друг проблем. Да не бидам погрешно сфатен, јас немам против ниту еден народ негативни чувства. Но имам проблем кога некој се обидува да не претстави како дел од друга нација и друга историја. Е тогаш секој од нас има право да реагира. И бидете сигурни ваков случај, како нашиот македонски нема никаде во светот. Никаде на друго место не се негира постоењето на еден народ, каде има обиди за менување на историја и за бришење на делови, што на некого не му одговараат.
Јас имам проблем со бришењето на зборот бугарски од спомен плочите, бидејќи моето семејство, нашите семејства се бореле против тој окупатор. Јас имам проблем бидејќи никој од Бугарија досега не се извинил за злоделата што ги направиле во Македонија, по примерот на Германија и нивните канцелари Брант и Меркел, туку се обидуваат да ги избришат од историјата. Е па тоа не може да се случи! Не смееме да дозволиме тоа да се случи! Заради нашите предци, заради нашите поколенија.
Мора да постојат црвени линии, кои не смееме да ги поминеме и мора да порачаме дека секој оној што сака да го стори тоа народот ќе го казни. Бидејќи овој народ знае да ја покаже својата сила најмногу кога некој го потценува. Овој народ знае да ја покаже својата сила кога некој сака да го понижи.
Почитувани,
Денеска од тука во Куманово 80 години по дигнатото Востание слободно може да кажам дека имаме многу големи предизвици пред нас.
Пред нас имаме многу препреки кои треба да ги поминеме, пред нас имаме предизвик да не дозволиме да ги направиме истите грешки од минатото. Ако кажавме НЕ за режимот, не смееме да дозволиме нов режим да завладее со нас. Не се боревме за реприза на нашите животи, се боревме за подобро Утре, за иднина каде се слушаат различни ставови, каде се зборува за идеи, а не се занимаваме со подметнувања и напади.
Се боревме за демократија и за неа мора да се бориме и понатаму, бидејќи тоа им го должиме на нашите предци. На оние кои се бореа денеска да имаме слободна држава, оние кои ги оставија своите животи за да можат нивните поколенија да имаат подобар живот. А ние како да ги разочаруваме со нашите постапки. Како да не знаеме по кој пат да тераме.
Како да сме изгубени помеѓу лукративните зделки и националните интереси. А кога ќе ги споите зборовите зделка и национален интерес, во едно резултатот ќе биде поразителен за сите нас. Затоа сега повеќе од кога било сме пред патоказ кој пат ќе го одбереме, оној каде иднината носи сигурност, или оној каде иднината носи реприза од минатото.
Почитувани,
Сега од кога било порано е важно да се сплотиме и да покажеме отпор, бидејќи немаме време за чекање. Поминаа многу години, нештата не се менуваат на подобро, си одат младите луѓе од државата затоа што немаат перспектива.
Немаме време да чекаме да дојдат подобри времиња. Мора нив да ги создадеме. А ќе ги создадеме само ако заеднички се бориме против неправдата.
Нема правда, нема мир не смее да остане белег само на една битка. Таа треба да биде потсетник дека нема да дозволиме да се повторат истите сценарија. И мора да има правда за сите подеднакво, а така само ќе бидеме мирни дека живееме во средена држава.
Јас денеска овде пред Вас ветувам дека како досега така и понатаму ќе останам истиот со истите ставови. Секогаш ќе зборувам гласно против неправдите, секогаш ќе се борам за исправното.
Ќе бидам напаѓан и сум напаѓан, ќе се обидат да ме оцрнат, но јас нема да се предадам. Нема, бидејќи подобар живот должиме на нашите деца, на нашите поколенија.
Нема да се предадам бидејќи знам дека од мое Куманово ќе тргне револуцијата за подобра Македонија, онаква каква што треба да ја живееме, а не да ја сонуваме.
Од наше Куманово ќе тргне револуцијата за Македонија, револуција за освестување дека иднината мора да биде подобра од сегашноста.
Овој ден да бидеме горди на нашите предци, овој ден да им оддадеме почит на сите револуционери, на сите борци, кои го дадоа својот живот во антифашистичкото востание и народноослободителна војна, по примерот на Карпош и Шабани, Антова и многу други.
Да бидеме горди на нашето минато, активни чинители на сегашноста и да ги носиме позитивните промени на иднината“, заврши Димитриевски.
Ново на Сител
-
Хутер победи на женскиот супервелеслалом во Сент Мориц
-
Возило удрило две жени во Штип
-
Минута молк на натпреварите во Германија
-
Вучиќ: Младите од 20 до 35 години, дури и невработените, ќе можат да земат станбен кредит
-
Инспектор нападнал началник во просториите на полицијата во Радовиш
-
Германија: Билансот од нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет загинати, над 200 повредени
-
Автомобил излета кај Мавровка, повредени две лица
-
Нови врнежи претежно од снег од понеделник и средина на работната недела