Македонија
17. February 2024 - 16:37

Дијаспората доаѓа во Македонија и за психолошки прегледи

Поради неможноста да го научат системот на вредности на европските држави, но и неможноста европските психолози да го разберат системот на вредности и размислување на нашите иселеници, често пати Македонците се враќани од тие држави дома за да добијат соодветна психолошка евалуација, врз основа на која понатаму ќе зависи дали нив ќе им биде продолжен престојот во тие земји или ќе сносат некоја санкција. Специјалистот по медицинска психологија Јован Велески раскажува со што се се среќава.

„Имав случај каде што едно момче фрлило динамит во реката за да лови риби. Со оглед на тоа дека таму нема закон за фрлање на динамит во река и забрана и фаќање риби го пратија на психолкошка евалуација во Македонија. Исто така имам случај на мајка која своите непослушни деца им викала „Бидете мирни ќе ве отепам“. Кај нас тоа е обична узречица, меѓутоа во западните култури значли семејно насилство. Имав и случај со родители кои мислеле дека нивното дете е опседнат од ѓаволот. Четврт случај пак некој од работната организација „позајмувал“ по една тоалетна хартија на ден, така што и тој случај ми е испратен“, изјави Јован Велески, специјалистот по медицинска психологија.

Овие примери за нас се смешни, но за европските психолози неразбирливи дури и страшни.

„Сите овие случаи јас обично ги објаснувам детално и му ги праќам на властите од каде се испратени луѓето кај нас, како би можело тие да донесат соодветна мерка, дали тоа ќе биде пенолошка, дали медицинска, дали социјална или едукативна. Најчесто е едукативна дека повеќе не смеат тоа да го прават“ додаде Велески.

Друг аспект пак е тоа што ако порано Македонците од странство се враќаа специјално дома за да поправат заби или да направат некои други прегледи кои таму се прескапи за нив, во последно време се почесто доаѓале за да посетуваат психолошки советувалишта. Причините се различни, од појава на анксиозност, депресија, па се до неможност да се снајдат во новата средина.

„Има и помали деца кои доаѓаат тука, а кои не се адаптирале добро во околината, со полиција што имаат проблеми или пак едноставно како што растат, односно во зависност од тоа кога го напуштиле домот, и родителите не знаат како да се снајдат во целата таа ситуација и најчесто во тие 3 месеци гледаме да исполниме колку што можиме најмногу сесии, иако се случува и онлајн да работам многу често“, истакна Ана Алексоска, психолог – психотерапевт.

Големо влијание имало и разделбата на семејствата помеѓу родителите и децата.

„Во клучните години многу е важно родителите да запазат како можат да останат заедно и едно функционално се семејство колку што можат да одржат“, додаде Алексоска.

Новото време носи и нови предизвици, така што психолошките совети во иднина ќе бидат се попотребни како тука, така и кај нашите иселеници.