Свет
1. February 2016 - 13:05

Девојчето поради кое се судрија Германија и Русија призна дека лажело

Тринаесетгодишното руско девојче, поради кое рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров остро ја нападна Германија, призна дека ја измислило приказната за нејзино киднапирање и силување од страна на група арапски бегалци.

Инцидентот што предизвика протести на руската заедница во Германија и дипломатски протест од Москва, според германското јавно обвинителство е измислен од страна на девојчето, идентификувано како Лиса, јави дописникот на МИА од Берлин.

На 11 јануари родителите на девојчето пријавиле дека таа е исчезната откако не се појавила на училиште во Берлин. По 30 часа таа со повреди на лицето се вратила дома и на родителите им кажала дека била нападната од група луѓе со блискоисточен или северно - африкански изглед. Откако германската полиција не успеа да ги пронајде напаѓачите, Русија ја обвини Германија дека го крие инцидентот за да не предизвика уште поголеми тензии во врска со бегалците, а Германија побара Русија да не злоупотребува непроверени прашања во дипломатските односи меѓу двете земји.

Според портпаролот на Германското јавно обвиннителство Мартин Штелтнер по тридневни иситувања од страна на специјалисти девојчето признало дека приказната за силувањето е измислена.

Девојчето било исплашено да оди дома откако нејзиното училиште ги контактирало родителите поради друг инцидент во кое тоа било вмешано. Истрагата на полицијата покажала дека девојчето ноќта ја минало со друго лице кое што не било осомничено за насилство.