Детска Клиника преполна со болни деца од респираторни инфекции
Бебиња и мали деца поради компликации од респираторни инфекции завршуваат со кислородна поддршка во болничките соби на Клиниката за детски болести. Во ургентната амбуланта за едно деноноќие имаат по 150 прегледи а поради грипот и други вируси има 60 хоспитализирани. Недидена гужва имаше пред Детска и денеска во петок, а лекари отпишуваат деца кои се веќе во стабилна состојба за да имаат слободни кревети за викендот.
- Доенчињата и помалите деца доаѓаат со отежнато дишење, со потешки симптоми на пневмонија и бронхиолит. Може да се каже дека половината од тие што ги примаме имаат потреба од кислородна поддршка. Доминираат вируси – респираторниот синцицијален вирус, грип од типот А и Б, аденовируси, паравирус, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.
Родителите да не паничат кога детето ќе има висока температура, а оние кои имаат вирусни симптоми да не одат во градинка и училиште за да се спречи ширењето на инфекцијата, апелираат педијатрите. Но не сите болни деца завршуваат во болнички соби.
- Поголем број имаат полесна симптоматологија, во смисла на покачена телесна температура, кашлица, црвенило во очите и тие се пуштаат со дадена терапија на домашно лекување, вели д-р Мемеди.
И вчерашниот извештај од Инситутот за јавно здравје покажува дека од 3000 новодијагностицирани со грип, една третина се деца до 14 годишна возраст.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар