Македонија
7. July 2019 - 18:45

Детектор:Каков е стандардот на живот во Македонија - има ли услови за младите да останат дома?

 

 Иселувањето надвор од државата е опција за дури 70 отсто од студентите, покажа најновото истражување на јавното мислење „Иселување на младите и квалитет на живот“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа Владимир Неловски од ВМРО-ДПМНЕ, Ивана Туфекчиќ, пратеник од коалицијата на СДСМ и Павле Гацов, економски аналитичар.

Мнозинството граѓани имаат некој близок кој веќе се преселил во странство (66,0 отсто). Една третина од анкетираните размислувале да се иселат од државата (29,1 отсто), а како причина за таков чекор ги наведуваат вработувањето, животниот стандард и подобрата иднина.

-Ова е тренд кој што трае долги години, а особено последниве 10 доаѓа до израз. Како што се зголемуваат можностите за миграција и мобилност, така се зголемува и трендот на иселување, вели пратеничката Ивана Туфекчиќ.

Во моментов, како што додава, заедно со опозицијата работат на закон за младинско учество кој се работи во еден широк процес, а во Собранието формиран е клуб за младински прашања и политики во кој учествуваат пратенци од сите политички партии. – Се обидовме на ова прашање да му пријдеме со консензус, со цел да прeстане играта за барање на одговорност и вина, бидејќи додека се обвинуваме младите си заминуваат, вели Туфекчиќ.

Причините за иселување се комплексни, потенцира економскиот аналитичар Гацов кој ги издвојува најдоминантните како „вработувањето, вработувањето за добра плата и лошиот систем базиран на непотизам, корупција и неможност за покажување на лични афинитети“.

За него барање работа во јавен сектор за млад човек е прилично чудно, бидејќи како што вели, младиот човек треба да граба предизвици, да бара можности и да отскокнува од другите.

И Владимир Неловски од ВМРО-ДПМНЕ е согласен дека предизвиците за младите луѓе се во приватниот сектор но, „приоритет на секоја владејачка партија треба да е задржување на најдобрите студенти во администрацијата, се со цел да помогнат во развој на државата. Затоа предлага да се искористи дел од програмата од 2016 година на неговата партија за вработување на најдобрите 100 студенти од секоја генерација во државната администрација.

Перцепцијата на граѓаните е дека нема подобрување на квалитетот на живот споредбено со пред пет години (39,0 отсто). Дел од нив ќе заминат на летување годинава (35,3 отсто), а дел ќе останат дома бидејќи немаат доволно пари (28,4 отсто). Половина од месечниот буџет го трошат за храна 34,0 отсто од испитаниците, а само 22,1 отсто од граѓаните можат со месечниот буџет што го имаат на располагање во целост да си ги покријат месечните трошоци.

Според аналитичарот Гацов бројот на невработени лица до 29 години е најголем во земјата. – Досега не забележувам сериозни политики кои ќе дадат брзи ефекти, вели тој и додава дека за да се подобри таа слика потребно е системско спроведување на младинската гаранција.

Најголем дел од испитаниците немаат шанса да купат стан во следните пет години иако им е потребен (49,6 отсто). Во моментов 38,0 отсто од граѓаните имаат земено некаков кредит.

Надежите на граѓаните се насочени кон Европската Унија и сметаат дека животниот стандард ќе се подобри доколку нашата држава стане дел од тоа семејство (52,8 отсто).

Гостите во емисијата се свесни дека младите денес многу брзо одлучуваат да се иселат и токму затоа работите треба брзо да се менуваат. Неловски потврдува дека „на младите не им требаат чуда, туку сигнал дека работите се менуваат на подобро. Тие знаат дека нештата не се менуваат преку ноќ, но за да останат тука потребно им е на дневна основа да гледаат дека нешто се придвижува“.

-Ако се стартува со активни мерки за три до пет години може да очекуваме подобрување на позицијата за вработување на младите во Македонија. Но, во ваква ситуација тоа време е предолго и треба да се реагира побрзо, да се носат мерки и политики за пократко време, потенцира Гацов. Според него, Владата има можност да го подобрува системот, но не гледа амбиции за таква работа.

Активното учество на сите е опција за подобри резултати вели Туфекџиќ. – Со посветување на младинскиот сектор, младите луѓе кои не се во ниту една организација, власта, опозицијата, посветување на клучните ресори како министерство за образование, мислам дека може скоро да очекуваме резултати, оптимистички заокружува таа.

Истражувањето на тема „Иселување на младите и квалитет на живот“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 10 до 13 јуни, на 1.119 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.