Македонија
14. April 2024 - 16:32

Детектор анкета: 90% од граѓаните забележуваат говор на омраза кој главно се шири преку социјалните мрежи

Близу 90% од граѓаните детектираат говор на омраза во македонското општество кој главно се шири преку социјалните мрежи а во најголема мерка е поттикнат од политиката. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него 89,1% од граѓаните рекле дека во Македонија е присутен говорот на омраза додека само 6% не детектирале ваква појава.

Третина од граѓаните сметаат дека говорот на омраза бил поттикнат од политички убедувања, 20,5% сметаат дека го поттикнала етничката припадност. 10,5% детектирале говор на омраза поради физичкиот изглед, 7,5% поради религиски убедувања и 5,5% поради возраста.

Близу две третини од граѓаните или 64,2% сметаат дека денеска има повеќе говор на омраза отколку пред 5 години. 12,6% забележале помалку говор на омраза денеска отколку пред 5 години додека 18,7% не регистрирале никаква промена.

Дури 80% од граѓаните сметаат дека политички партии поттикнуваат говор на омраза, а над 81% дека партиите предизвикуваат поделби во општеството. Анализата на етничката структура на граѓаните кои давале одговори покажува дека и Македонците и етничките Албанци во мнозинство веруваат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби со таа разлика што Македонците во значително поголемо мнозинство го изразуваат овој став. Ако за овие прашања меѓу 80 и 90% Македонци сметаат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби, таков став делат меѓу 40% и 50% етнички Албанци.

Очекувано, близу 80% се на ставот дека говорот на омраза се засилува во време на предизборна кампања. И тука етничката структура на испитаниците дава слични резултати, односно и Македонците и Албанците забележуваат засилен говор на омраза во предизборните кампањи со таа разлика што ваков став делат близу 90% Македонци и само 44,7% етнички Албанци, иако бројот на противници и во двете етнички заедници останува прилично низок.

Граѓаните, најчесто забележуваат говор на омраза врз база на етничка припадност. Ваков став делат 53,4%. Следат политичките убедувања со 26,6% и говорот на омраза во врска со религијата со 8,9%.

И кај ова прашање етничките групи имаат прилично слични позиции. И Македонците и етничките Албанци во мнозинство како прва сфера во која забележуваат говор на омраза е етничката припадност.

Мнозинство граѓани или 58,3% сметаат дека говорот на омраза најчесто се шири преку социјалните мрежи. Следат телевизијата со 27,6%, веб сајтовите со 3,6% и радиото и весниците со помалку од 1%.

Очекувано, помладите повеќе говор на омраза детектираат на социјалните мрежи за разлика од повозрасните, иако во сите возрасни категории, мнозинството повеќе говор на омраза забележува на социјалните мрежи.

Сепак дури три четвртини од испитаниците директно или преку социјалните мрежи не сведочеле на говор на омраза насочен кон нив или некој нивни близок додека 20% имале такво искуство
Граѓаните се прилично поделени околу прашањето дали актуелните законски регулативи се доволни за да се намали или да се спречи говор на омраза. 43% сметаат дека се доволни, 45,2% дека не се доволни

Поделбата ја прават различните ставови на Македонците и етничките Албанци. Ако мнозинството Македонци смета дека законските регулативи не се доволни , мнозинството етнички Албанци е убедено во спротивното.

Сепак, 70,6% од анкетираните сметаат дека треба да се донесат построги закони за спречување на говорот на омраза додека 22% се на ставот дека не треба, бидејќи тие би можеле да се злоупотребат.

Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март.