Македонија
19. March 2020 - 13:40

Дескоска: Колку повеќе се придржуваме до мерките, толку побрзо ќе ја пребродиме кризата

Судењата што не се нужни препорачавме да не се спроведуваат со цел да се намали протокот на луѓе во судовите. Очекуваме дека таа препорака која ја усвои Владата на седница, а потоа Судскиот совет донесе одлука, судовите ќе си ја почитуваат, порача денеска министерката за правда Рената Дескоска на прес-конференција во Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со странките кои утринава формирале редица пред Кривичниот суд, дали размислуваат да се елиминира таквата состојба, Дескоска рече дека се надева оти претседателите на судовите транспарентно ќе ги објават новите распореди за да се знае кои судења продолжуваат, а кои не.

Во врска со одлуки кои се носат на дневна основа и дали ќе има преодни одредби за информирање на граѓаните околу правата што евентуално би се ограничиле, Дескоска посочи дека сите уредби досега кога се носеле во други земји во воена или вонредна состојба, стои дека стапуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.

– Најголем дел до мерките кои ги носевме важеа од следниот ден со цел да се даде можност. Во моментот на носење на Влада тие ќе бидат донесени, ќе бидат граѓаните инфромирани, ќе се објават во Службен весник, тоа најверојатно ќе биде важење за некои ако се итни од моментот, но најмногу од мерките очекувам дека ќе важат од денот на објавување, тоа е најчесто наредниот ден. Ситуацијата е итна, оставам простор буквално за секакви ситуации, некогаш ќе треба и инцидентно веднаш да се преземе мерка и затоа се тие уредби такви за да може ефикасно веднаш да се делува, рече Дескоска.

Во врска со тоа кои закони може да се менуваат, информира дека, буквално сите закони без оглед на тоа со какво мнозинство се носат во Собранието, можат да бидат изменети со уредбите со законска сила.

Дескоска информира дека една од уредбите која Министерството за правда ја подготвува е Законот за облигацини односи со цел да се намалат казнените камати и за граѓаните и за правните лица да се регулира референтната стапка која ќе се применува.

– Разгледуваме одредби кои се однесуваат на Кривичниот законик, но тоа е во координација со Министерството за економија, ако се појави ситуација да има шпекулирање со производи може да воведеме и таква казнена одредба со цел граѓаните да бидат сигурни дека правните лица кои продаваат и произведуваат храна секогаш таа ќе биде достапна. И доколку е потребно, јас се надевам дека нема да треба, гледам дека има совест кај сите, но ако треба имаме спремна и таква уредба за казнување шпекулрање со производи во ситација на вонредна сотојба, рече Дескоска.

Во однос на делот на застарувањето на судските постапки, министерката посочи дека, тоа е мерка која што ја презедоа некои земји и за која се размислува и треба да се направи во консултација со претседателот на Судскиот совет и претседатели на судови.

– Тоа е дека ако ги затвориме судовите во одреден период за одредени постапки тогаш да се донесе уредба со законска сила која ќе го прекине течењето на роковите, бидејќи не можете да му затворите на некој суд или одредена постапка, а да му течат роковите и тој да изгуби право. Во тој дел сега ситуацијата не е дојдена до таму да го правиме тоа, исто така доколку станува збор за кривични постапки што не е можно да се спроведуваат некои земји веќе донесоа уредби со кои го запреа течењето на застарувањето на предметите во период на вонредна состојба, и тоа стои како можност, рече Дескоска.

Додаде дека треба да се поразговара и тоа да дојде како иницијатива од судовите и од Судскиот совет, бидејќи тоа е мерка што постои како можност да биде преземена.

– Инаку одредени постапки кои се однесуваат во судовите, не може никогаш да ги затворите и во воена состојба судовите работат. Гледате дека јавниот обвинител пушти посебно предупредување дека приоритет ќе добијат кривични дела за заштита на здравјето, кои се против заштитата на здравјето и секако во таква ситуација ако се соочуваме со опасност на кршење на она што ќе значи правило да не се шири епидемијата, судовите ќе мора и тоа како да работат, истакна Дескоска.

На прашањето дали има сознание дека Врховниот суд ќе прекине со работа после ваква ситуација, министерката за правда рече дека и таа добила такви информации и оти сите мерки кои ги дава Министерството за здравство и Владата потоа ги утврдува, важат за сите институции, како што се препораките за самоизолација, препораките за изолација и на луѓе кои биле во допир со лицето кое е заболено важат и за Врховниот суд и за сите други судови.

– Затоа беше и апелот и во рамките на судовите целосно да се почитуваат сите препораки исто како што се почитуваат во министерствата, како што се почитуваат во другите државни институции, во Народна банка, секаде каде може да се појави таков случај сите институции имаат обврска на ист начин да постапуваат. Војската работи целосно, полицијата исто, министерствата работат, но ако се јави случај на заболен секако сите ќе мора да ги почитуваме тие препораки без оглед дали ни е ограничено или не ни е ограничено работното време, дали има можност да останат родители дома или не, тоа што е мерка од Владата утврдена на предлог на МЗ задолжително е за сите, рече министерката за правда.