Свет
19. December 2015 - 14:20

Деценија на канцеларката: „Таа делува како магионичар‟

Ангела Меркел е германска канцеларка точно десет години, тоа се години кога многумина се обидуваа да ја протолкуваат.

Што се не е кажано за неа: ладна како мраз, шампионка на консензуси, германска домаќинка...

„Таа нема да прави коалиција со мојата партија. Не се лажете‟ (поранешниот канцелар Герхард Шредер, 18 септември 2005 година).

Но, Меркел успеа во тоа. И покрај тоа што агресивниот канцелар Шредер во изборната ноќ во ТВ дискусија со Ангела Меркел и други, тоа го виде поинаку. Бидејќи Меркел со 35 отсто гласови, колку што освои нејзината Христијанско-демократска унија, оствари најлош резултат во историјата на партијата, а некои партиски мнозинства веќе почнаа да се дистанцираат од неа. Шредеровите напади на крај беа решавачки за големата коалиција под нејзино водство.

„Госпоѓа Меркел не знаеше да се служи со приборот за јадење. Таа во текот на државничките ручеци не знаеше да се однесува, така што повеќе пати морав да ја предупредувам‟. (Поранешниот канцелар Хелмут Кол).

Хелмут Кол (ЦДУ) на почетокот ја поддржуваше, а потоа жестоко ја критикуваше во разговор со новинарот Хериберт Шван. Но, Кол подоцна по судски пат забрани да се објават снимките од разговорите.

„Морам долго да размислувам за на памет да ми дојде дипломатски одговор‟. (Поранешниот канцелар Хелмут Шмит, 14 декември 2010 година).

Поранешниот канцелар Хелмут Шмит (СПД) кој овој 10 ноември почина во својата 96 година, ова го кажа во едно телевизиско интервју за кризниот менаџмент на Ангела Меркел во тек на должничката и финансиската криза.

„Меркел делува како магионичар. Магионичар кој одвраќа внимание од зборењето со она што го прави со рацете. А Меркел одвраќа внимание со движењето на рацете од она што го зборува‟.

(Кабаретист Фолкер Писпер, 7 ноември 2014 година).

Ова Писперс го рекол за движењето на рацете и типичната положба која Меркел постојано ја прави додека зборува.

„Таа беше активистка на Слободна германска младина, задолжена за агитирање и пропаганда. Таа така беше припадничка на резервниот состав на партијата‟. (Оскар Лафонтен, 13 мај 2009 година).

Лафонтен, поранешен претседател на СДП, потоа шеф на партијата Левица, го рече ова за младоста на Ангела Меркел во Источна Германија. Но, тој и порано ја оценил Ангела Меркел како „убедена млада комунистка‟.

„Тоа е однос во кој на човек му треба и почит но и дистанца. Преголема блискост воопшто не е добро‟. (Волфганг Шојбле 13 септември 2013 година).

Шојбле за односот кон својата директна претпоставена која всушност го смени од чело на партијата, иако подоцна на него сметаше како на министер во повеќе ресори.

„Како Европјанин сум горд (...) на тоа како делува канцеларката Меркел. Би сакал секој во Европа да работи така‟. (Јанис Варуфакис во октомври 2015 година).

Поранешниот грчки министер за финансии Варуфакис, кој на врвот на должничката криза се спореше со Ангела Меркел, во интервју за Дојче веле рече дека и симнува капа кога се работи за нејзината политика за бегалците.

„Тоа што на госпоѓа Меркел порано перфектно и поаѓаше од рака, отсуството на политика да го продаде како политика и со тоа да ја деполитизира републиката, денес повеќе не функционира‟. (новинарот Ханс-Херман Тиедје 2 ноември 2015 година).

Ова го рече поранешниот шеф на тиражниот таблоид Билд и е советник на Кол во еден судир со канцеларката поради нејзината реченица - „Основното право на азил не познава горна граница‟.

„Таканареченото девојче на Кол премногу работи научи од својот учител кој непристојно се однесуваше. А сега и таа го прави тоа истото. Подготвена е на секаква интрига, но не е способна за секоја‟. (кабаретистот Дитер Хилдебрант 15 септември 2005 година).

Кабаретистот Хилдебрант ова го изјави во 2005 година, пред првите парламентарни избори кои Меркел ги реши во своја корист.

„Меркел е како Бекенбауер‟. (поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Германија Волфганг Нирзбах 25 мај 2012 година).

И што уште треба да се каже? Ова е пример дека за некои изјави дури многу подоцна всушност треба да се обрне внимание. Нирзбах оваа споредба на Ангела Меркел со Франц Бекенбауер ја изнесе многу пред Кајзер да доспее во жижата поради аферата околу можното подмитување со цел Германија да ја добие организацијата Светско првенство во фудбал во 2006 година.