Македонија
3. December 2018 - 19:40

Деца со попреченост со ревија порачаа да се срушат стереотипите и бариерите

Убави сме свои сме, оваа порака ја испратија децата со попреченост  од хуманитарната модна ревија која се одржа во Струмица по повод трети декември. Како модели на ревијата се појавија 30 деца со различни видови на попреченост и исто толку познати личности меѓу кои спортисти, пејачи и политичари. Целта е преку еден ваков настан да се испрати порака до сите во општеството дека и лицата со попреченост се исти и ги имаат истите права како и останатите, знаат и можат само треба да им се даде шанса да го покажат тоа.

-Прв пат учествував на ваква манифестација иако сум била на различни манифестации, сепак на ваква манифестација ми е прв пат. Доаѓам од Скопје и имам 16 години.,, рече Марија Цавеска, учесник на модната ревија.

-Многу убаво си поминав, многу убаво.,, рече Мики Стојановски, учесник на модната ревија.

-Многу ми е мило што сум дел од ова денес и што таа свест се повеќе и повеќе се подигнува.,, вели Васил Гарванлиев, пејач.

-Мораме сите заедно да ја подигнеме свеста и да покажеме дека сите сме еднакви и дека сите сме исти, дека сите треба да имаме еднаков третман и еднакви шанси во ова општество, рече Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово.

За родителите кои имаат деца со попреченост ваквите настани значат многу бидејќи придонесуваат да се слушне нивниот глас за проблемите со кои се соочуваат во секојдневието. Велат ги има многу,но прво што треба да се направи е реформа во здравството.

-Најитно мислам дека треба да биде во здравството, таму да се интервенира, да се обезбедат лекови за тие деца што им се неопходни. Имаме и живото загрозувачки ситуации каде што мора лековите да се обезбедат да бидат на товар на фондот, терапиите за децата со церебрална парализа да се воведат, методи,  затоа што навистина е оскудно тоа што го имаме, рече Оливера Савеска, родител на дете со церебрална парализа.

 Хуманитарната модна ревија ,,Убави сме свои сме“ се одржува втора година по ред. Иницијатор за нејзината реализација е здружението Вера од Струмица кое доби поддршка од голем број граѓани, компании и институции.