Македонија
1. October 2016 - 12:37

Дебата „Развојот на демократските институции и човековите права во ЈИЕ и улогата на ОБСЕ“

ЕУ интеграцијата се покажа како поттик за неверојатна ефективност во одржување на напредокот кој што беше постигнат во Западен Балкан изминативе две децении. Овој регион бара внимание од меѓународната заедница и заслужува да биде охрабрен дека ЕУ-перспективите се уште се живи.

Ова го истакна Роберто Батели потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа на дебата насловена „Развојот на демократските институции и човековите права во ЈИЕ и улогата на ОБСЕ“ во рамки на Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која се одржува во Скопје. 

Кога се проценува напредокот во регионот, нагласи тој, не смее да се заборави дека факторите како мигрантската и бегалската криза, глобалниот економски пад, радикализацијата на младите и прашањето за странските терористички борци и други конфликти агенди на глчавните актери го надополнија товарот кој што го носи овој регион.

- Не смее да се заборави дека Западниот Балкан само што ја доживеа најголемата миграциска криза уште од 1945 година. Ова само по себе сведочи за предизвиците со кои се соочува регионот. Напредокот не може да се одржи ниту пак може да биде цементиран доколку ЕУ - перспективата се разводни или регионално се гледа како разнишана. Според мене, уназадувањето кое што го гледаме е симптоматично за овој увид. Сметам дека Самитот за ЗБ одржан во Париз на 3 и 4 јули беше насочен токму кон охрабрување на регионот дека перспективата за ЕУ интеграција сеуште е жива и покрај Брегзит. Тоа ни е потребно за да се избегне регионално назадување, оцени Батели.

Тој нагласи дека регионот неизбежно ќе се соочува и понатаму со внатрешни и надворешни предизвици, вклучувајќи ја и бегалската и миграциската криза, радикализацијата и ширењето на странските терористички борци, ранливост во функционирањето на демократските институции, поларизирана политичка околина и етничка поделба, но како ПС на ОБСЕ со увидот во состојбите ќе имаат подобра претстава каде стоиме за да ја максимизираат ефективноста на нивниот одговор и поддршка.

На денешната сесија се обрати и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, кој потстети дека ОБСЕ е присутен во земјата уште од независноста и ни помага во зацврствувањето на нашите демокартски институции, а соработуваме и на многу важни прашања како изборното законодавство, набљудувањето на изборите.
 
- Активностите на ОБСЕ во земјвата во континуитет се имплементираат преку заеднички програми во функција на клучните државни приоритети. На овој начин ги поттикнуваме реформските процеси истовремено исполнувајќи ја европската агенда, истакна Попоски во неговото обраќање.
 
Тој како особено важна ја истакна улогата на ОДИХР во мониторингот на изборните циклуси, години наназад, но и изборни циклуси што допрва следуваат.
 
Во рамките на денешната сесија ќе се одржи и тркалезна маса со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и во Србија. 
 
Конференцијата завршува утре кога ќе се дебатира за Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права. 
 
Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ 2016 започна вчера, а темата на Парламентарната конференција е „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“. Учествуваат околу 350 претставници на 57 парламенти и други тела на ОБСЕ и други организации.