Бизнис
14. February 2018 - 14:13

Дебата: Новиот закон за јавни набавки ќе овозможи заштита од корупција

Јавните набавки треба да бидат привлечни за корисниците, со ефикасни и едноставни постапки, а не дополнително оптоварување во работата, порачааа учесниците на првата јавна дебата за новиот предлог закон за јавни набавки.

Според директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски, новото законско решение кое треба да се дефинира по забелешките од  бизнис заедницата, ќе обезбеди заштита од корупција и контрола врз основа на која ќе се утврди одговорност. Во соработка со  Светска банка се спроведува проект за црвени знаменца кои ќе се вградат во електронскиот систем за јавни набавки и ќе бидат показатели на корупција.

Во законот се воведува и претходна контрола која ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Со неа ќе бидат опфатени поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици.

- Контролата на набавките ќе се врши системски и тоа ќе биде добро решено. Системот ќе одредува заедно со показателите за црвени  знаменца или на секој петти или десетти оглас, изјави Георгиевски.

Законот предвидува да се воведе електронски пазар на мали јавни набавки, во вид на електронски каталог, што ќе овозможи нивно брзо и ефикасно решавање. Тие набавки треба да се олеснат со предложеното подигање на нивниот праг од сегашните 500 евра на 1.000 евра во класичниот сектор и на 2.000 евра во секторските дејности.

-  Ги решаваме проблемите на многу училишта и градинки бидејќи  има дефицит на кадар што работи во јавни набавки и исто така со зголемувањето на прагот на јавни набавки ние уште сме под сите држави од регионот, значи не се значително зголемени за да имаме страв од зголемена корупција, појасни Георгиевски.

Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцираше дека целта на новиот закон е да ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време да ги направи поедноставни и полесни за примена. Со него, како што потенцираше, се воведува задолжителна обврска за објавување на договорите и останатата документација од секоја поединечна јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. 

-  Во согласност со европските правила и пракса, новиот закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. Притоа, договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот, објасни Тевдовски на дебатата пред претставниците на стопанските комори во државата. 

Со новиот закон, дополни, се вградуваат и забелешките на Европската комисија и домашната стручна јавност во поглед на електронските аукции. Во минатото, како што објасни Тевдовски, задолжителните електронски аукции дале добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки довеле до незаконско договарање на понудувачите и пораст на цените во отсуство на вистинска конкуренција.

Според наодите на СИГМА, заедничка иницијатива на ЕУ и на ОЕЦД за помош на државите од регионот во подобрување на јавното управување, македонскиот систем за јавни набавки е во согласност со главните обврски на ЕУ,  но сеуште е премногу  бирократски, фокусиран на формалности и многу често се занемарува ефикасноста.

- Новиот закон за јавни набавки треба да ги намали бирократските обврски со поголем фокус на ефикасност и ефективност, рече Мариан Лемке, претставник на СИГМА.

Во наредниот период јавни расправи за законот ќе се организираат во Штип и во Струга. Треба да биде усвоен од Собранието до октомври годинава, а да започне да се применува од јануари следната година.