Македонија
11. July 2024 - 16:40

Давкова: Младите на доброволна основа да може да отслужуваат воен рок

Не  би требало да се исклучува можноста да им се овозможи на младите луѓе кои би сакале на доброволна основа да служат воена обврска, најави претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Нејзиниот став е дека треба да се размислува во таа насока, да се иницира дискусија, да се чујат експертите по прашањето.

На ваквата изјава реагираат од СДСМ од каде посочуваат дека Силјановска нема основно познавање од областите кои се во нејзина надлежност - доброволно служење воен рок одамна постои.

- Силјановска Давкова демонстрира целосно непознавање на областите од нејзина надлежност. Дава предлози за некакви консултации околу прашања кои одамна се решени. Имено, доволно ќе беше да прочита барем дел на суштинскиот закон кој ја дефинира нејзината надлежност, Законот за одбрана, и ќе видеше дека во десетина членови и сега е предвидено доброволно отслужување на воен рок. И тоа е така веќе речиси две децении, стои во реакцијата на СДСМ.

Началникот на Генералштабот на АРМ Ѓурчиновски смета дека може да се отвори процес на дискусија на експертска основа, но со оглед на тоа што драстично е опаднат интересот од страна на граѓаните нема потреба од избрзување за задолжително служење на воениот рок.

Сиљановска Давкова како врховен командант на Армијата, ги посети армиските припадници од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода на Охридското Езеро и порача дека во Армијата, како столб на националната и колективната безбедност, е неопходно да продолжиме да вложуваме во натамошна модернизација и во едукација на армиските припадници.