Македонија
3. October 2022 - 21:16

Дали важи или не членот 8 од законот за минимална плата, со кој сите плати се зголемуваат за 18,4%?

И синдикатите и Владата сакаат повисоки плати за сите вработени, ама не можат да се договорат на кој начин ќе го сторат тоа. Од ССМ велат – социјалниот дијалог е мртов, а надлежните се глуви за нивните барања. Тие не се откажуваат од барањето за примена на членот 8 од законот за минимална плата. Иако од министерството за труд рекоа дека членот е во преодни и завршни одредби и поради тоа е истечен половина година по донесувањето.

„Навистина треба да бидеме посериозни кога носиме закон, а министерот за труд изјавува дека тој член не важи. Ако нешто важи тоа се членовите во еден закон и затоа се донесе тој закон. Затоа сите три социјални партнери на маса го договорија и го усвоија. Навистина не гледам правник којшто ќе го протолкува тоа, одредени членови, тие што им одговараат на владата и пратениците на власта, а одредени членови да не важат.“ – Иван Пешевски, ССМ

Од ресорното министерство не одговорија дали социјалниот дијалог е во тек, а за новиот колективен договор не’ упатија за одговор во Влада.

Оттаму пак велат дека социјалниот дијалог е приоритет и дека Владата се залага за вработените во јавниот сектор да имаат повисоки плати. Секоја политика која што го допира правото од работен однос мора да помине низ дијалог. Секој човек има право доколку не е задоволен и доколку смета дека некое право му е оспорено, за истото да поведе постапка пред надлежен суд, стои во одговорот.

Според најавите, новиот колективен договор за јавниот сектор треба да биде потпишан до крајот на оваа година, но се уште има неколку точки за кои претставниците на власта и работниците си немаат подадено рака.

„Имаше слух да се даде регрес за годишен одмор, но од јануари 2023 година освен оние што потпаѓаат на гранката под УПОЗ каде што веќе си имаат загарнтирано регрес за годишен одмор и за оваа година. И уште неколку прашања што навистина не беа болни, меѓутоа преговорите од страна на претставниците на власта престанаа и се уште не е ставен на маса тој колективен договор за да се доработи. Се надевам дека во текот на октомври ќе продолжиме со преговорите со власта за нешто да донесеме од први јануари бидејќи времето не гази и тоа час поскоро треба да се случи.“ – Иван Пешевски, ССМ

Според членот 8 од законот за минимална плата, сите плати во земјата треба да пораснат согласно растот на минималецот во рок од 6 месеци, па откако тој скокна од 15 на 18 илјади, синдикалците побараа скалесто покачување на платите и за останатите вработени во јавниот сектор. На ова Владата рече дека во буџетот нема пари за тоа, по што за ССМ беше прифатливо и покачување за сите од по 3 илјади денари. Но, ниту за овој предлог не се договорија.

Ако одолговлекувањето продолжи, од ССМ велат дека социјален немир во зимските месеци ќе биде неизбежен.