Македонија
28. јуни 2021 - 19:53

Дали Синовак штити од индиската мутација? - Од утре боцкање со новата кинеска вакцина

Од утре почнува масовна имунизација со Синовак. Кинеската вакцина ќе биде достапна во сите вакцинални пунктови низ државата. Ревакцината е на 3 недели. На денешната научна дебата “Вакцинација и предизвици со Ковид -19” експертите посочија дека станува збор за безбедна вакцина и подеднакво како и останатите спречува тешка форма на болест предизвикана дури и од Индиската мутација на вирусот.

Планот на здравствените власти е до 15 јули да бидат извакцинирани половина милион граѓани во земјава. Од средината на идниот месец Филипче најавува и теренска вакцинација. Ќе бидат вклучени амбулантни возила од сите здравствени домови во државата. Досега во земјава вакцина против Ковид примиле 300.000 лица и не биле регистрирани сериозни несакани реакции.

За да нема ризик од епидемиско ширење на индиската мутрација на есен, професорот Даниловски вели дека потребно е 80 до 85 проценти од населчението во земјава да биде вакцинирано. Професорот Петличковски посочува дека многу мали се шансите доколку некој прележал да се зарази со мутацијата.

Експерите се согласни, за да се постигне колективен имунитет неопходно ќе биде да се вакцинираат и адолесцентите на 16 годишна возраст, но засега вакцина во земјава се дава само на полнолетни граѓани.

Доколку продолжи стабилната епидемиолошка состојба Филипче најави дека може да се прогласи крај на епидемијата во август, а според експертите во таков случај нема потреба од маски ниту во затворено.