Македонија
16. јуни 2024 - 16:33

Дали само итни пациенти се снимале на Институтот за радиологија поради технички проблем во петокот?

Нов колапс на Клинички? По хаваријата со хируршките сали, во петокот на Институтот за радиологија се снимале само итни пациенти поради технички проблеми, соопштија од Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ. Според нив од Установата испратиле известување до сите Клиники дека не се во можност да ги примаат пациентите за преглед, освен животно загрозувачките состојби и за таа цел пациентите да ги упатуваат во другите ЈЗУ во градот.

- Од ВМРО ДПМНЕ прашуваат: За каков технички проблем станува збор, зошто нема информација за јавност што се случува на оваа врвна терциерна здравствена установа која во најголем дел го носи теретот за дијагностика која е клучна за натамошен третман?

Можело ли да биде спречен овој "технички проблем" и како се одржува системот во Установата?

Побаравме став од директорката на Институтот за радиологија д-р Гордана Антулеска Белческа. Во смс порака одговори дека имало проблем со мрежата за интернет и напојувањето и бил саниран за кратко време уште во првата смена, а предизвикан од невремето кое го зафати Скопје тоа утро.

- Проблемот е решен истиот ден (петок) пуштено е известување до сите ЈЗУ, снимањата се реализирани уште истиот ден на сите апарати, освен на МР каде заради долзината на прегледот некои пациенти се презакажани, вели д-р Гордана Антулеска Белческа, директор на Институтот за радиологија.

Инаку од 6-те хируршки клиники до средина на идната недела треба да одговорат до Заеднички служби дали се согласуваат на групна набавка на нова компресорка станица и промена на инсталацијата, но и плаќање на 21 милиони денари за да отпочнат градежни работи кои за 6 месеци треба да овозможат нормално функционирање на оперативниот блок кој еден месец работи со привремено решение и се одложуваат голем број на операции.